„Онкологија“ пред крај: Приведен Нино Васев, има избегани, претреси кај осум лица
Според неофицијални информации, ексдиректорот на Онкологија и доктор, Нино Васев е приведен во полициска станица по налог на обвинителката која го води предметот за кражба на цитостатици. Освен него, во станица се и други лица опфатени со истрагата, а кај кои претходно беше извршен претрес.
„Скопје1“ имаше обид да го добие телефонски, но иако телефонот ѕвонеше, никој не одговори. Потврда за ова побаравме и од Обвинителството, од каде не откриваат никакви информации и велат дека акцијата е во тек.
Полицијата утрово влезе кај осум лица кои се опфатени во истрагата за злоупотреби во Клиниката за онкологија. Одземени се телефони, компјутери, документација.
Има и лица кои се недостапни за органите на прогонот. Полицијата не успеала да ги лоцира на адресите кои ги дало Обвинителството.
„Скопје1“ дознава дека по повеќемесечна истрага, предметот е пред завршница и донесување на јавнообвинителска одлука.
Детали за денешните претреси, од Обвинителстовото не споделуваат. Дали Нино Васев и останатите уапсени ќе бидат задржени па пуштени од полициска станица или истите ќе бидат спроведени пред судија на претходна постапка – засега не е познато.