Македонија

Сите луѓе на Џафери и Митревски се кријат од јавноста

Неколку дена трае пинг-понг партијата на „Скопје1“ со Кабинетите во Собрание и Влада. Засега водат Кабинетите, затоа што за едноставни прашања на кои граѓаните имаат право на одговор, одговор комплетен и конкретен немаме. „Скопје1“ праша со колку свои блиски соработници Талат Џафери се пресели од Собрание во Влада, какви звања добија.

Вјолца Бајрами, која и до сега беше одговорна кај Талат за транспарентност и отчетност, ни одржа лекција дека премиерот има законско право на тоа, факт кој никој не го спори, но и дека процедурата за нивно преземање е во тек, иако истите тие, наредени пред Влада го пречекаа во понеделникот.

На видеото освен Бајрами беше и шефицата на протокол Бојана Панковска, која Џафери од Министерството за одбрана, каде беше министер, ја донесе во Собрание и каде доби добра позиција, па сега во Влада. И Беса Дрндар ги смени кабинетите. Од преведувач на албански влезе на висока позиција во Кабинетот на Собрание, а сега ја сместуваат во Влада. Човекот од доверба, Илир Селмани, кој вршеше повеќе функции, меѓу кои и шеф на Кабинет, ќе ја задржи позицијата. Можеби ќе добиеме одговор и на кои места ќе бидат и другите луѓе на Џафери од видеото, а каде ќе бидат распоредени доскорешните кадри.

Поинвентивен одговор не добивме ниту од Собранието, каде Кабинетот на Јован Митревски остана полупразен. Тој главно ќе се потпира на службеници од Собранието, Службата за информирање, а за шеф на Кабинет, Митревски ја планира Татјана Поповска, поранешен новинар, советник во пратеничката група на СДСМ, посебен советник кај Јагода Шахпаска кога беше министер за труд и социјала и посебен советник кај Славица Грковска.

За другите позиции и прашања, ни збор како одговор.

„Скопје1“ останува на својот став дека институциите треба да одговорат дури и на прашања кои не им се по ќеиф и очекуваме конкретни и целосни одговори.

На почеток