Скопје

БРТ-превоз не доаѓа во предвид оти ќе се сечат 7.000 дрвја, а поминува и на главна водоводна цевка

БРТ-превозот нема да биде поддржан од советниците на Зелен хуман град бидејќи треба да се исечат над 7.000 дрвја. Според советничката Драгана Велковска, ова не смее да се дозволи, особено ако се има во предвид колку Скопје е загадено во текот на зимските денови.

„БРТ ќе значи само за една траса, уништување на 7.000 здрави возрасни дрвја. Кажете ми вие, дали сметате дека еден град како Скопје кој често е најзагаден град во светот може да си дозволи да изгуби здраво зеленило? Дали мислите дека може да се дозволи губење на човечки животи бидејќи зачувувањето на зеленилото е првиот приоритет насекаде во светот, особено за град како нашиот кој е во состојба на војна имајќи во предвид колку граѓани умираат како последица на загаден воздух. Ние сме исклучително против за решенија без темелна анализа и без да се консултираат граѓаните“, рече таа.

Потсети дека на Партизанска е главната водоводна цевка за Скопје.

„Таа цевка според експертите ќе биде на опасност прво поради градежните работи, а понатаму и поради дополнителни вибрации“, додаде Велковска.

Според неа, граѓаните не биле консултирани како да се спроведе оптимизацијата на јавниот транспорт.

„Градот Скопје во моментов има платено 22 милиони за студија со сценарија како да се организира превозот во Скопје за да биде пооптимален. ние требаше да имаме и план за урбан транспорт. Каде е? Ги немаме ни основните документи“, додаде Велковска.

Таа додаде дека решенијата во светските метрополи се нудат со анализи, позитивни и негативни страни, како и замена.

На почеток