Скопје

(Фото) Почнаа подготовките за да никне комплексот кај Воена болница, за кој се алармира дека е со криминално конзерваторсно мислење

Граѓанската иницијатива „О2“ објави дека походот за градење на комплекс кај Воена болница, позади „Жан Митрев“ е започнат, а теренот се подготвува. Станува збор за специфично место за каде треба конзерваторско мислење за градење – кое инвеститорот го добил. Од граѓанската иницијатива бараат негово итно поништување.

„Просторот позади поликлиника Букурешт и бензинската Макпетрол, во близина на Жан Митрев и 8 Септември (бивша Воена болница) во општина Карпош е ограден и се спрема за градба. Си има формално позитивно конзерваторско мислење (што е услов за добивање на одобрение за градење), кое и после три месеци од неговото издавање е уште на сила, иако е криминално, издадено од бившиот директор на НУ Конзерватоски центар-Скопје, кој е во притвор како соучесник во злосторничко здружение.Ниту една институција не носи одлука по поднесените претставки за запирање во целост од негово извршување и барања за огласување на ништовно. Не смее со непостапување да се аминува криминалот кој постојано ни се случува. Бараме правда веднаш! Бараме Министерство за култура / Ministria e Kulturës ИТНО да донесе одлука по нашата претставка поднесена пред повеќе од два месеци, на 28.11.2023, за запирање во целост од извршување на криминално издаденото позитивно конзерваторско мислење од 8.11.2023 и по нашиот предлог поднесен на 12.12.2023 за огласување на ништовно на ова конзерваторско мислење кое е издадено со цел да даде зелено светло за градење на комплексот на згради П+1, П+10, П+16+Пк и П+17+Пк со 419 стана плус деловен простор, со 2.000 жители и најмалку 1.000 возила, иако спротивни на режимите на заштита за таа градежна парцела. Бараме Управниот одбор на НУ Конзерваторски центар – Скопје УРГЕНТНО да постапи по нашиот предлог за огласување на ништовно на ова конзерваторско мислење“, велат од „О2 Иницијатива“.

Тие бараат од директорката на НУ Конзерваторски центар – Скопје, Љиљана Китановска, да се заложи за ставање во сила на првичното издадено негативно конзерваторско мислење за овој објект и го прогласи за ништовно сегашното позитивно кое воопшто не е согласно Правилникот за формата и содржината на конзерваторското мислење и во кое не се воопшто наведени режимите на заштита за градежната парцела и не е наведено дека објектот (комплексот на згради) е во согласност со режимите на заштита, што е суштина и цел на конзерваторското мислење.

„Северниот дел на градежната парцела со површина од околу 1.690 м² влегува во границите на Споменикот – Воена болница и има #режим на заштита од #Втор степен, што подразбира нови објекти со габарит и катност прилагодени на вредностите и значењето на доброто, изведување на сите интервенции според конзерваторски проекти каде треба да се почитува и доминанатната класа на намени В – Јавни институции, утврдена со ГУП на град Скопје 2012-2022. За овој дел потребно е обезбедување Конзерваторско #одобрение од Управата за заштита на културното наследство, како услов за издавање на одобрение за градење. Јужниот дел на парцелата со површина од околу 2.880 м² е во границите на Контактната зона на Споменикот и има режим на заштита од #трет степен, што подразбира можност за доградба и надградба на постојните објекти и изградба на нови објекти, со габарит и катност што нема да ги нарушуваат визурите на Споменикот – Воена болница во Скопје. За овој дел потребно е да се обезбеди Конзерваторско мислење од НУ Конзерваторски центар – Скопје, како услов за издавање на одобрение за градење. Овие два различни делови од градежната парцела имаат различен режим на заштита, а објектот истовремено треба да се гради и во границите на Споменикот – Воена болница во Скопје и во границите на неговата Контактна зона, за што се водат #различни постапки за одобрување и во ваков случај НУ Конзерваторски Центар-Скопје НЕ СМЕЕЛ НИКАКО да издаде позитивно конзерваторско мислење“, додаваат оттаму.

Според нив, ништо од ова не е испочитувано!

„Како резултат имаме само едно криминално позитивно конзерваторско мислење кое е уште на сила! Бившиот директор на НУ Конзерваторски Центар – Скопје, Константин Димитровски, кој моментално е во домашен притвор како соучесник во злосторничкото здружение за уривањето на хотелот „Шар Ан“ кој со законот е прогласен за културно наследство, не го потпиша издаденото негативно конзерваторско мислење од неговата установа, што значеше стопирање на градбата на комплексот на згради. Тој е воедно и член на Комисијата за урбанизам на општина Карпош, каде го одобрил и дава позитивно мислење за урбанистичкиот проект за комплексот згради. Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски бурно реагира откако дознава дека е издадено негативно конзерваторско мислење, што значи дека не смее да се издаде одобрение за градење и се заканува дека нема да може тоа така. Бившиот директор потоа формира комисија од тројца и тие го издаваат бараното позитивно конзерваторско мислење кое воопшто не е согласно Правилникот за формата и содржината на конзерваторското мислење и со тоа се дава потребното зелено светло за градење на комплексот на згради. Ова се прави во име на инвеститорите на комплексот на згради – ЗСФ КОМ, на еден од најмоќните градежници во земјава, Фатмир Етеми, поранешен пратеник на Партијата за демократски просперитет на Албанците во Македонија – Народна демократска партија (ПДПА-НДП), а потоа член на Нова Демократија на Имер Селмани, и ДЕЛТА 2015 КОНСТРАКШН, која до лани беше во сопственост на Орка Холдинг на семејството на Орце Камчев, кога се продава за 5 милиони евра и недвижен имот во вредност од 8 милиони евра од новата градба, што претставува 25% од објектот, на Специјал Градба во сопственост на бизнисменот Кочо Стојчески, кој претходно е партиски вработуван од СДСМ во Паркови и зеленило, Министерство за одбрана, Министерство за правда и во Општина Центар како градежен инспектор“, додаваат тие.

На почеток