Скопје

„Кучињата лаат, караванот си врви“: Издадена и дозвола за да никне 17-катница кај Воена болница, Бисера од Култура молчи, градителите ставија табла

Бунтот на граѓаните и жестоките реакции не го пишманија градоначалникот на Карпош, Стевчо Јаимовски да издаде дозвола за изградба на 17-катница веднаш до Воена болница, каде што е и поликлиниката Букурешт, но и Итната помош. Таблата за т.н. „Рубик тауер“ е веќе поставена, а граѓаните не се откажуваат од понитување на ваквото решение. Во ова свој придонес има и Министерството за култура со кое раководи Бисера Костадиновска-Стојчевска во чија надлежност е институцијата која издава мислења за градење на објекти во заштитена зона.

„Министерството за култура и Бисера Костадиновска Стојчевска нека постапуваат со месеци за нешто што е апла јасно и за што се носи решение за неколку дена макс. Додека тие се влечат и чекаат за да биде прекасно, Стевчо Јакимовски и вработените во општина Карпош си издале одобрение за градење, кое го криеа како змија нозе и според таблата денес станало правосилно. „Во систем го нема“, „постапката е прекината“, „не е издадено“, за Вечер вчера Стевчо вели „јас не издавам градежни дозволи“, а од секторот за урбанизам дека немаат одговор“, велат од граѓанската иницијатива „О2“.

Тие додаваат: „Мафијата си владее“.

„Закони се кршат без око да им трепне, сè е напишано, нацртано за да помине, за да ЛИЧИ законски, а всушност полно со незаконие и силеџиство. И никоја од надлежните институции не реагира. Едните не знаат, другите не се надлежни, третите сакаат, ама не можат, четвртите постапуваат и никако да постапат веќе еднаш, петтите… и секаде мафијата има свои луѓе кои исполнуваат и ја разградуваат структурата на ова што сè уште се нарекува држава. Порано или покасно некој ќе заврши во затвор, некој можеби ќе се спаси, но прашањето кој од сега инволвираните е подготвен да биде жртвено јагне на градежната мафија. И дали се сигурни сите, од службениците во општина до ситните извршители, членови на комисии и големите играчи, дека нема таргетот за превоз до Идризово да биде на нивниот грб.
Ние ќе продолжиме. Па ако не по врат, по шија“, додаваат од „О2“.

На почеток