Во ек на вируси, неколку денови нема шестовалентна вакцина – МЗ тврди дека е во тек дистрибуција на нови количини
Неколку денови поликлиниката „Јане Сандански“ нема шестовалетна вакцина наменета за бебиња до една година, дознава „Скопје1“. Слично е и на други пунктови. Ова се случува во време кога во земјава и регионот се појави голема кашлица, а дваесетина дена откако министерот за здравство, Фатмир Меџити уверуваше дека има доволно вакцини, а ги повикуваше родителите да ги носат децата на вакцинација. „Скопје1“ побара одговори од Министерството за здравство, зошто нема шестовалентна вакцина, прашање на кое не добивме конкретен одговор.
„Информираме дека во моментот е во тек дистрибуција на нови количини од шестовалентната вакцина. Станува збор за 20.000 дози кои се дистрибуираат во вакциналните пунктови низ државата, меѓу кои и во поликлиниката Јане Сандански“, велат кратко од Министерството за здравство за „Скопје1“.
На почетокот од јануари, Миџити апелираше до родителите да ги вакцинираат своите деца, откако започна појава на голема кашлица, од која во Србија починаа четири дена.
Во изјава за медиумите, дадена по отворањето на реновираната операциона сала на Клиниката за ортопедски болести, Меџити рече дека има доволно вакцини и дека од вчера е дадена наредба да се проверат сите вакцинални картони од бебиња.
„Крајно време да се смени менталниот склоп. Секое вакцинирање, значи спас на живот. Затоа ги повикувам родителите за доброто на нивните деца да ги вакцинираат и да ги превенираме ваквите појави“, рече Меџити.