Македонија

АСОМ пред Собранието: Претседателе, сега е на вашата совест да ги заштитите вработените во игрите на среќа

Денеска повторно во придружба на дел од своите вработени, Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) заедно со претставниците на АПИС одржаа јавен собир пред Собранието на РСМ.

Поводот беше закажаното второ читање на Законот за игри на среќа на редовна пленарна седница, што е и последниот чекор до изгласување на измените на овој закон и практично ставање клуч на целата индустрија на игри на среќа.

За време на собирот, пред медиумите се обрати претседателот на АСОМ Васко Илијевски, кој во својата изјава уште еднаш потенцираше дека секторот се наоѓа пред колапс и денес во Собранието, наместо дебата за десетици поважни проблеми, пратениците ќе гласаат за катастрофалниот Закон за игри на среќа.

„Повторно пратениците ќе бидат само алатка на оние кои имаат бизнис интерес да ја затворат легалната индустрија на игри на среќа… Законот не решава ниеден проблем поврзан со игрите на среќа, напротив ќе донесе сива економија, играње на црно, играње на странски платформи и огромни загуби за државата. Загуби за државата, но добивка и профит на малкумина во чиј интерес ова се прави“, подвлече Илијевски.

Тој во својата изјава директно се обрати и до претседателот Пендаровски, кој претходно изјави дека нема да го потпишете Законот за игри на среќа, кој се носи злоупотребувајќи го европското знаменце, а за кој е јасно дека не постои јасна европска директива.

„Ова значи дека после денешниот ден, доколку овој штетен закон се изгласа, сите наши напори ќе влезат во историјата, а сите овие луѓе кои ги гледате зад мене, но и многу повеќе од нив, ќе останат без работа. Затоа сега вие сте на потег“, му порача Илијевски на Пендаровски.

Во своето обраќање тој повтори дека повеќе од 50.000 семејства зависат од овој приход и ова „бескрајно самоволие на Власта“ ќе ги остави без основна егзистенција. Затоа, рече Илијевски кон Пендаровски, „сега е на вашата совест, да ги заштитите овие луѓе, овие семејства, и да не дозволите насила да се донесе овој закон само за некој да ги полни своите џебови.“

Како пример дека ќе се отвори слободен пат за илегалното обложување, Илијевски ја посочи Албанија која првично го забрани спортското обложување, а потоа беше сведок на огромен број апсења поради дивите обложувања, за на крај, поучена од ваквото негативно искуство, албанската власт повторна да го легализира спортското обложување.

„И сега ние, наместо да учиме на туѓите негативни искуства, Владата со овој потег ја уназадува државата и свесно ја оштетува… Затоа, да не се лажеме! Овој закон нема апсолутно никаква врска со заштита на малолетниците. Веќе и најголените лаици знаат дека целта на овој закон е да се затворат легални домашни компании за да може Владата преку новите онлајн страници со странски компании да си го преземе бизнисот“, порача претседателот на АСОМ.

На крајот на своето обраќање тој потенцираше и дека овој закон нема да ги заштити малолетниците од ризиците на игрите на среќа, туку напротив, ќе ги лиши само страсните фудбалски навивачи од својот тикет за 50 денари, пензионерите од своето место за социјализација и илјадници семејства од основен приход.

„Затоа, почитуван претседателе, почитувани пратеници, одлуката е сега на вас: дали ќе го дозволите ова или ќе работите во интерес на народот?“, заклучија од АСОМ.

На почеток