Македонија

Таравари обвинет дека лаже, собирот му е нелегитимен, а две „Алијанси“ нема да има – се огласи таборот на Села

Собирот кој го организираше претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, беше прогласен за нелегитимен од Аднан Незири, координаторот на пратениците од оваа партија дел од таборот на Зијадин Села. Според него, Таравари лаже кога кажува дека на состанокот имало 75 делегати од целтраното Собрание.

„Тој собир не беше легитимен, а врз основа на нашите податоци таму имаше помалку од 40 членови. Тој настан не беше Собрание оти се знае, врз основа на Статутот тоа може да го свика само претседателот на Собранието. Легалното Собрание ќе биде во сабота во Скопје, во 13 часот. Тоа се легални и процедурални врз основа на статутот“, кажа Незири.

Иако со денови траат караниците и јавните препукувања, а имаше и физички пресметки, според Незири партијата не е поделена.

„Партијата не е поделена, но претседателите се поделени оти комуникацијата не беше врз основа на процедурите. Не се зборува за печат, оти тоа е техничка работа. Партијата има органи, а тие не беа почитувани. Претседателот на партијата има обврски“, додаде тој.

Одговараше и на прашањето дали на изборите ќе има две „Алијанси“.

„Ние мислиме дека нема да има две Алијанси, имаме централно претседателство, тоа ќе одлучи дека имаме една Алијанса, а претседателот на партијата треба да даде одговор што правел, со кого зборел оти ние не сме добиле ниту понуда, ниту информација“, кажа Незири.

На почеток