Партиите во трка кој да поднесе прв измена на законот за возачките да важат, на 12 часа пред да бидат невалидни
Вечерва до 12 часот на полноќ ќе важат возачките дозволи, а партиите во трка кој да поднесе побрзо законски измени за продолжување на нивната важност. Вчера први се јавија од ВМРО-ДПМНЕ кога министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски кажа дека законските измени му се подготвени и дека ќе ги достави со Собрание. Потоа пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев кажа дека ќе поднесат исто така предлог до Собранието. Последни во низата се СДСМ, кои денеска објавија дека ќе поднесат идентичен предлог.
„Спремно ми е. Едниот Предлог на закон за измени на Закон за патни исправи на државјаните, еве го спремен е. Еве го другиот. Предлог на закон за изменување на Закон за безбедност во сообраќајот и патиштата. Еве ги спремни се, за еден ден. Решение има, само треба да имаат политичка волја“, изјави Тошковски во интервју на телевизија Канал 5.
Апасиев исто така најави поднесување на законски измени.
„Пратениците на Левица ќе поднесат предлог-закон за продолжување на важноста на возачките дозволи со името “Македонија”! p.s. Казни за некористење северна се дистопија во која живееме благодарение на СДС, УЧК и ДПМНЕ. Пазете на наредни избори, немој после ‘ј**и га’“, напиша Апасиев.
Утрово, во исти поход тргна и СДСМ.
„Пратеничката група на СДСМ ќе поднесе предлог за законски измени со кои возачките дозволи, сообраќајните дозволи, осигурителните полиси и сообраќајните книшки ќе им биде продолжена важноста. Со измени на законите граѓаните и понатаму да може да ги користат на територијата на државата“, рече Дарко Каевски, портпарол и пратеник на СДСМ.