Граѓаните се обидуваат без „северна“ да ја напуштат Македонија – 14 лица се вратени од полицајците на граница
Граѓаните сепак се обиделе да поминат граница со пасошите без „северна“, но граничарите не ги пропуштиле. Во изминатите 24 часа, имало 14 вакви случаи. Од МВР за „Скопје1“ посочуваат дека им било и укажано дека мора да ги променат пасошите со новото уставно име, за да им биде дозволен излез од Македонија.
„Во последните 24 часа на 14 лица на граничните премини при излез им е укажано дека не може да патуваат со патни исправи во кои стои старото уставно име“, велат од МВР за „Скопје1“.
Засега не е познато дали овие граѓани имаат побарано писмено известување зошто се спречени да минат граница. Од МВР известија дека оваа можност постои, а истиот документ може да послужи и за тужба против државата, а со оглед дека пасошите немаат истечен рок на траење, туку само старо уставно име.
Претходно, техничкиот министер Панче Тошковски ги замоли граѓаните со стари патни исправи воопшто да не се обидуваат да излезат од државата. Истовремено посочи дека има едноставно решение за овој проблем.
„Ако има политичка волја за еден ден ќе ги решат маките на луѓето. Имаме Предлог на закон за изменување на Законот за патни исправи на државјаните, еве го спремен е готов е и еве го другиот. Овој дури сум го потпишал. Предлог на закон за изменување на закон безбедност на сообраќајот на патиштата. За еден ден решение има, само треба да сакаат да имаат политичка волја. И немојте да ја залажуваат јавноста дека ќе сме прекршеле договор. По нивната логика, докторска а не правничка, договорот е веќе прекршен. Но ние не го прекршуваме договорот во предлог измените. Овде велиме „во рамки на технички функционални и возможни, објективни услови кои што ги имаме да го усогласиме истиот согласно возможното и реалното“, вели министерот Панче Тошковски.
Како што информираше тој, во моментов државата има само 5000 македонски и 10.000 албански обрасци за печатење пасоши, а причина за тоа, според Тошковски е несериозниот и непрофесионален пристап на претходното раководство.