Македонија

Вети транспарентност, но нема одговор дали МВР ќе се тресе поради издавање документи без „северна“ изминатите пет години

Новоизбраниот државен јавен обвинител, Љупчо Коцевски кажа дека ќе биде транспарентен, но веќе на првото прашање за отворање на предмет поради издавање на документи без „северна“ – немаше одговор. Вети дека ќе биде отчетен, но не кажа дали Обвинителството ќе започне предистрага за лицата во МВР кои изминатите пет години нарачувале и пуштале во промет стари обрасци и не овозможиле издавање на документи со новото уставно име, како што било пропишано.

„Во оваа прилика знам дека голем интерес на јавноста е за предметите кои се во тек и тие кои ќе се отворат. Но во денешниот ден, не би навлегувал во детали. Јавното обвинителство ќе формира предмети по поднесени пријави, кои по чуен глас ќе допре до јавниот обвинител и ќе нема селекција при гонење на кривичните дела. Ако има доволно докази, јавното обвинителство ќе поведе постапка“, рече Коцевски во првата изјава за медиумите.

За потсетување, адвокатот Владимир Туфегџиќ посочи дека за ова треба да има одговорност.

„Тој што во изминатите 5 години нарачувал и пуштал во промет стари обрасци и овозможил изработка и издавање на лични документи со важност подолго од 12.02.2024 иако знаел дека важноста на истите е до 12.02.2024, на 13.02.2024 сабајле во 08,00 треба да биде во Јавно обвинителство“, напиша Туфегџиќ пред три дена

По заклетвата, новиот државен обвинител посочи дека ќе постапува според Уставот и законите, па додаде дека искуството ќе му помогне да биде одговорен шеф.

„Со моето долгогодишно знаење мислам дека можам да одговорам на функцијата. Во програмата која ја дадов, основните начела се транспарентноста, а тоа ќе ја поттикне ефикасноста кај јавните обвинители и ќе ја подобри довербата кај јавноста. Тоа треба да биде единствениот орган кој се бори со корупцијата. Ова што го ветувам ценам дека ќе го исполнам. Сега пред јавноста изјавувам дека Обвинителството и јас ќе бидеме отворени за јавноста, ќе бидеме во секое време отворени за информации“, додаде Коцевски.

Неговата биографија не е јавно објавена. Познато е дека ако не беше избран на функцијата, за неколку месеци ќе беше пензиониран.

Ако не го избраа за државен обвинител, годинава ќе одеше во пензија – Коцевски во шест страни кажа што ќе прави шест години на функцијата

На почеток