(Видео) Талат не го остава тоа на „м“, а не се открива дали е истиот за кој Јанкулоска и Поповски лежеа во затвор
Кажа дека нема комплекс со што доаѓа на работа, но истовремено, техничкиот премиер Талат Џафери не го менува „мерцедесот“ за кој јавноста прашува дали е истото возило за чија набавка Гордана Јанкулоска и Ѓоко Поповски лежеа затвор со години. Секојдневно од Форино до Владата, со полициска придружба, Џафери и натаму патува со истиот автомобил.
За да Џафери стигне до работното место, го пратат уште четири дополнителни возила. Две се без, а две со полициски ознаки. Неговото одење на работа не поминува неприметливо, особено поради сирените кои се користат за протоколарно да се обезбеди безбедно патување на техничкиот.
Пред три недели, Џафери рече дека нема комплекс со што доаѓа на работа, дали со „мерцедес“ или приватно ќе си оди дома, но сепак, удобноста на елитното возило не ја менува.
„Иронијата за ‘мерцедесот’ верувам дека не е во служба на никого, јас немам комплекс со што доаѓам на работа, дали со ‘мерцедес’ или приватно ќе си одам дома, рече претседателот на преодната Влада, Талат Џафери. Џафери со песна беше дочекан во Форино истиот ден кога ја презеде функцијата технички премиер.
„Мерцедесот“ остави впечаток и поради неговото паркирање пред кафеана во центарот на Скопје. Првиот ден по преземањето на функцијата, автомобилот со придружбата од МВР беше паркиран на плоштадот.
„Тоа беше пренос на функциите, па чинот требаше да се одбележи. Јас како премиер не водам сметка каде е паркирана колата. Веројатно тие од обезбедување не исплаирале добро каде ќе паркираат“, изјави Џафери.
Останува отворено прашањето дали „мерцедесот“ е тоа на „м“, поради чија набавка на Јанкулоска ѝ беа досудени шест години затвор од судијката Добрила Кацарска. Апелација ја намали казната на четири години. Ѓоко Поповски издржува казна од 4,5 години.
За ова возило, СДСМ ветуваше продажба и купување на амбулантски возила. Но наместо тоа, осма година, се развозуваат државници и странски делегации.