(Видео) Државата одбила да му го плати третманот на Леонид, кој со фотографи и камери го пратија во Виена
Фондот за здравствено осигурување одбил да го плати медицинскиот третман на Леонид Идев кој со хеликоптер и пред камери беше пратен во Виена. Доц. Д-р Татјана Тројиќ спец. анестезиолог, Др. Јасмина Панова спец. анестезиолог, мед.сестра анестет. Марина Јанчева и Проф.Д-р Христијан Костов, со дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев и со директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски се сликаа и се објавија на социјални мрежи презентирајќи го првиот меѓународен лет, а за Идев се собираа донации за да се лекува. И Фондот не негира дека не дале пари за Леонид повторно да може да ги движи рацете и нозете.
„Барањето на осигуреното лице Б. И. од Скопје, за неговото дете Л.И. за упатување на лекување во странство се одби како неосновано зошто не се работи за упатување на лекување во странство, туку за извршување на здравствената услуга медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување. Медицинската рехабилитација како продолжено болничко лекување, Фондот за осигурените лица ја обезбедил во здравствените установи во Р.Северна Македонија со кои склучил договор.
Според Законот за здравственото осигурување, осигуреното лице може да користи болничко лекување во странство со одобрение на Фондот, само ако е во прашање заболување кое не може да се лекува во државата, а во земјата во која осигуреникот се упатува постои можност за успешно лекување на тоа заболување. Под истите услови се користат во странство и здравствени услуги на контролни прегледи кои се однесуваат на веќе извршено болничко лекување во странство одобрено од страна на Фондот, а кои не можат да се извршат во Република Северна Македонија“, велат од Фондот.
Тие ја првдаат одлуката и додаваат: „Според одредби од Правилникот за начинот на користење на болничкото лекување на осигурените лица во странство, осигуреното лице на кое клиничкиот конзилиум од соодветната Универитетска клиника во Скопје му издал предлог за упатување на лекување во странство со цел спроведување на специјализирана медицинска рехабилитација, како што е и во конкретниов случај, нема право на надомест за трошоците на товар на Фондот. Според сето ова, Фондот и лекарските комисии одлуката за осигуреникот Л.И. ја донеле во согласност со горенаведените законски прописи“, додадоа од Фондот.
Остри реакции
Заменик-народниот правобранител Јован Андоновски жестоко реагираше на ова.
„Откако претставници на државни институции се испофалија дека младиот Леонид е транспортиран со специјализираниот хеликоптер на лекување во Виена, следува шок за него и семејството! Леонид веќе е неколку недели на лекување во Виена. Фондот за здравство и покрај конзилијарното мислење дека лицето мора да се лекува во странство, носи решение со кое се одбива барањето‼️ При тоа, во решението воопшто не се наведува која установа ја нуди потребната услуга, туку само дека лекувањето е можно во Македонија. Државата си игра со човечки живот. Барам ФЗО да ја преиспита одлуката“, напиша тој.
ПР-от направен
Со видеа, фотографии, желби за оздравување – вака течеше фотографирањето пред хеликоптерот со кој Леонид беше пратен во Виена.
„Упатувам честитки до нашите тимови за темелната подготовка и соработка помеѓу МВР и медицинскиот персонал од Градската Општа болница „8-ми Септември”, со што уште еднаш потврдуваме и ги засилуваме нашите капацитети како држава за брза реакција во итни медицински случаи. Дозволете во оваа прилика да изразам благодарност до сите учесници во овој успешен проект, особено до Владата на Република Словенија и словенечкото министерство за внатрешни работи кои во духот на нашето пријателство пред неколку месеци обезбедија дел од оваа значајна медицинска опрема”, рече Бојмацалиев, посакувајќи мирно небо и успешен транспорт.
Од страна на директорот на ГОБ „8ми Септември”, д-р Христијан Костов беше истакнато дека во најкраток временски период се докажа подготвеноста и кооперативноста на МВР и МЗ, со цел подобрување на услугите за граѓаните преку обезбедување на медицинска помош на пациенти на кои им е потребен итен транспорт до други здравствени установи.
„После интензивни договори, болницата набави и вгради најсовремена медицинска опрема за интензивна нега на пациенти во медикоптерот за итен медицински транспорт. Заедно со Министерството за внатрешни работи ја утврдивме медицинската и безбедносната маршута на движење на медикоптерот, со цел безбедно пристигнување на нашиот пациент во придружба на искусен медицински тим за интензивно лекување до Клиниката во Виена. Пред се’ како здравствено лице и како директор на ГОБ 8ми Септември, упатувам честитки до сите тимови вклучени во проектот за темелната подготовка и соработката помеѓу МВР и медицинскиот персонал од нашата болница, со што уште еднаш потврдуваме и ги засилуваме нашите капацитети како држава за брза реакција во итни медицински случаи”, истакна директорот Костов.