Свет

Протест на опозицијата во Тирана: Демонстрантите фрлаа камења и факели врз полицијата

Илјадници приврзаници на албанската опозиција денеска протестираа обвинувајќи ја власта за корупција.

Демонстрантите фрлаа камења и факели кон полицијата. Некои ја урнаа железната ограда поставена околу главната владина зграда во Тирана, но протестите завршија мирно.

Со протестите се одбележуваат и 33 години од соборувањето на главната статуа на Енвер Хоџа.

Пратениците од опозицијата редовно ги прекинуваат парламентарните седници од октомври во знак на протест против одбивањето на левичарските социјалисти да формираат парламентарни комисии за истрага на наводните случаи на корупција во кои се вклучени премиерот Еди Рама и други високи функционери.

За време на денешните протести беше изразена поддршка за поранешниот премиер и актуелен лидер на опозицијата Сали Бериша, кој е во домашен притвор додека се води истрага за наводна злоупотреба на положбата за да му помогне на својот зет да приватизира јавно земјиште и да изгради станбени згради.

Во обраќањето од неговиот стан и директно емитувано на екранот на митингот, Бериша го обвини актуелниот премиер Рама за корупција и политички напади врз неговото семејство. Тој вети дека повторно ќе ја отвори вратата за интеграција во ЕУ, која, како што рече, била „затворена од режимот на Еди Рама“.

На протестот не се приклучија сите опозициски групи. Поддржувачите на едното крило на поделената Демократска партија, кои не учествуваа, го обвинуваат Бериша дека протестите ги одржува за лична корист и како начин да го зголеми бројот на неговите поддржувачи.

Поддршката за Бериша значително се намали кога САД во 2021 година и ОК во 2022 година му забранија влез на него и на членовите на неговото семејство поради наводна вмешаност во корупција.

На почеток