Ексшефот на кабинет на Спасовски: МВР не потфрли во нарачката на обрасци
Во вестите на ТВ21 дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев беше запрашан за најавената истрага во врска со обрасците за патни исправи во процесот на промена на лични документи на граѓаните.
„Истрагата е побарана од новиот технички министер Панче Тошковски. Можам да потврдам дека не се работи за никаква саботажа во МВР и ќе дадам конкретни примери зошто тоа не е така. На самиот ден на примопредавање стигаат во МВР 50.000 пасоши, минатата недела 20.000 пасоши. Во четврток или петок добиваме бројка од над 100.000 пасоши и наредната недела добиваме околу 120.000 пасоши, тоа што најавив дека наредната недела ќе добиеме огромна бројка обрасци. Имаме информација од Веридос дека ќе биде испорача во два турнуси. Со тие обрасци кои стигнаа и оние кои што ќе дојдат ја задоволуваат потребата на МВР да излезе во пресрет на граѓаните и да им ги издаде документите кои им се потребни, до следната тура на обрасци, која ќе дојде над 300.000 во месец јуни”, информираше Бојмацалиев. Притоа, тој потенцираше дека МВР не потфрлило во нарачката на пасоши, бидејќи биле нарачани приближно 2 милиона.
„Ако се вратиме назад, во државата имаме 1.803.000 кои имаат важечка патна исправа. Кога се правела проекцијата за нарачка на пасоши, била направена приближно 2 милиона. Никаде МВР не потфрлило или не предвидело колку пасоши ќе бидат потребни за граѓаните. Јас жалам што во овој период имаше политички партии кои повикуваа ‘Никогаш Северна’, договорот ќе го укинеме, и граѓаните ги доведоа до заблуда да не ги сменат своите патни исправи. Ова го велам зошто имам факти и докази зошто е тоа така”, беше дециден Бојмацалиев, надополнувајќи со статистички податоци.
„Во 2021, 2022, ако во короната имаше пик на заболени, ние имаме пик на најмногу побарување на граѓаните за лични документи. Годините кои ги споменав, декември и јануари, имаме просек од 40-50 илјади граѓани кои барале смена на лични документи. Како реториката на одредени политички партии се намалуваше и ја прифаќаа реалноста, бидејќи мислеа дека така ќе добијат некои политички поени во одреден период, се намали таа реторика, и декември, јануари имаме граѓани кои барале смена на лични документи над 170.000 граѓани. Што ми е поенатата? Ако изминатиот период ја немало таа реторика на одредени политички партии и политичари за дневно политички поени, ние досега ќе сме ги сменеле сите пасоши и документи. Бидејќи, капацитетите на МВР покажуваат дека можат да услужат и 170.000 граѓани. Не во тоа дека некој некого саботирал од внатре или го довел до оваа ситуација. МВР и државата ги создаде сите услови кои се потребни за промена на личните документи. Тоа го зборуваат бројките”, рече Бојмацалиев.