Македонија

Турканица на претседателскиот терен: професори, лекари, градоначалници или луѓе со бели коси, што е одлучувачко?

Што е пресудно за да истрчаш на терен за претседателската фотелја? Докторската титула, докторската функција, градоначалничките бенефиции или белата коса? Дванаесетмина, најмногу досега, сметаат дека заслужуваат и можат да ја понесат престижната титула „татко на нацијата”, но сега има и три кандидатки за „мајка на нацијата”.

Тројца од нив се професори: Гордана Силјановска Давкова со дресот на ВМРО-ДПМНЕ, Стево Пендаровски-СДСМ и Билјана Ванковска-Левица. Тројца се лекари: градоначалникот Арбен Таравари- албански опозициски блок, Вело Марковски- независен и Бујар Османи-ДУИ, шеф на дипломатијата, и претходно политички активен, но доктор по образование. Магистер е актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски-ЗНАМ, а потписи ќе собира и актуелниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски-ГРОМ. Контото на професори требаше да се зголеми со Кекеновски, кој засега само пројави желба и ја чекаше поддршката на ВМРО-ДПМНЕ, но не ја дочека. И Мерсиха Смаиловиќ од Бошњачки демократски сојуз ќе собира потписи за кандидат за претседател.

Ориентацијата за или против Русија и проевропската агенда ќе бидат значајни во партиската реторика. Исполнување на реформската агенда, неопходното внесување на Бугарите во Уставот за да не бидеме уште долго во чекалната, се познати ставови на Стево Пендаровски.

„Не за Русија, да за Европа“ е слоганот на Бујар Османи. Ахмети не ја прифати фрлената ракавица од Арбен Таравари, затоа што играле во различни лиги.

Таравари, пак, најави дека ќе се залага за влез на Бугарите во Уставот, но и за избор на претседателот во Собрание, а не на директни избори.

„Со реторика ЕУ, ЕУ, љубов моја, ЕУ, фронт за ЕУ не се оди во ЕУ. Во ЕУ се оди со стандарди во сите области“, смета Силјановска Давкова.

Ставот на Ванковска против НАТО е познат, отсекогаш била против.

Вело Марковски

Вело Марковски, доктор инфектолог, прв ја обзнани желбата да влезе во претседателската трка и тоа како независен кандидат, но очекува поддршка од ВМРО-ДПМНЕ. Иако тој веќе три години е дел од највисоките органи на најголемата опозициска партија во земјава, ВМРО-ДПМНЕ, засега нема информации дали професорот Марковски ќе биде поддржан од матичната партија. Според него, измама на народот е криењето на претседателските кандидати на недела пред избори.

„Вечната борба на нашиот македонски народ во справување со светските предизвици како што се човекови права, болести, војни, корупција, лажни вести итн., ме мотивираат да се вклучам во широка општествена активност”, вели Марковски.

На познатиот инфектолог бракот со многу помладата Јулијана му е втор брак. Тој е поранешен сопруг на екс-пратеничката Ѓулистана Марковска.

Тој заедно со 7 лица се обвинети дека во текот на 2017 и 2018 година без дозвола од надлежни органи, вршеле недозволени археолошки истражувања и ископувања на археолошки локалитети. Пронајдените добра неовластено ги присвојувале и прикривале, а потоа добрата неовластено ги продавале на купувачи во земјава и во странство.

Билјана Ванковска

Билјана Ванковска, доктор на политички науки, редовна професорка и раководителка на последипломските студии по Мир и развој на Филозофскиот факултет во Скопје. Професор е и на Европскиот мировен универзитет во Шлајнинг, Австрија. Колумнист во повеќе печатени медиуми.

Во 2014 година била еден од претендентите за претседателски кандидат на претседателските избори во 2014 година, но не успеа да собере 10.000 потписи. Беше разочарана од студентите и колегите, но ги обвинуваше државните институции дека го фаворизирале Ѓорге Иванов.

Професорката Билјана Ванковска овој пат нема да има проблеми со собирање потписи, таа е претседателски кандидат на Левица.

„Мислиме дека конечно е дојдено времето народот да може да избере солиден и мислиме дека го имаме најдобриот кандидат за овие избори. Затоа и први го обзнануваме и практично фрламе ракавица на меинстрим буржоаските партии да дадат кандидати кои ќе се натпреваруваат со нашиот кандидат“, рече за неа претседателот на Левица, Димитар Апасиев.

Ванковска вели дека сега има многу поголема самодоверба и зад неа стои тим. Понатаму, за Левица посочи дека е политичка партија за почит и она што ги доближува се две нишки – патриотизмот испреплетен со левичарската идеологија.

За време на битката за автономија на Универзитетот, беше со Силјановска-Давкова, но молчеа како основци пред Груевски и со ништо не му се спротивставија.

Арбен Таравари

Арбен Таравари, лекар – невролог и поранешен министер за здравство во владата на Заев од 2017. Познат остана по ПР стратегијата Здраво Таравари, со која покажуваше транспарентност и отвореност кон граѓаните. Тој моментално е градоначалник на Општина Гостивар. Лидер е на Алијанса на Албанците по оставката на Зијадин Села поради лошите резултати на локалните избори во Тетово. Љубовта меѓу Таравари и Села се распрсна како меур од сапуница по прашањето со кого да се коалицира на изборите. Се натпреваруваат кој има повеќе приврзаници, кој прв ќе свика Конгрес, кој кого ќе разреши, кај кого е печатот.

Таравари се приклони кон партиите кои се дел од албанскиот опозициски блок. Тој ќе биде кандидат на албанската опозицијата за претседател на државата, иако пред месец дена тврдеше дека не е заинтересиран за оваа позиција. Села за него ќе каже: „Јас го направив политичар“.

„Вечерва, во античката албанска престолнина, во историското Скопје, разбрав појасно од кога било, дека Промените започнаа и повеќе не запираат”, напиша Таравари на неговиот профил на ФБ на вонредниот конгрес.

Гордана Силјановска Давкова

Втор обид со поддршка од иста партија. Силјановска Давкова со боите на ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе се бори да биде првата жена во Вила Водно.

Професорката Гордана Силјановска Давкова најави дека е време за „женска димензија во политиката“. Вели дека нема да биде републикански монарх, туку ќе се однесува кон граѓаните како кон луѓе, индивидуи, припадници на различни заедници. Доколку стане претседателка, нејзините кандидати ќе бидат најдобрите во Уставниот суд и во Судскиот совет, а амбасадорите ќе се регрутираат врз основа на компетентност и стручност.

Била министер без ресор во Владата на Бранко Црвенковски од 1992 до 1994 година. Ѝ забележуваа дека за двете министерски години нема придонесено со ниту еден закон, како и за фри-шоповите на нејзиниот сопруг.

По поразот од Пендаровски ќе изјави: „Бројките говорат за пораз, обично поразените не се чувстваат добро, но јас се чувствувам смирено, исполнето, и продуховено. Да добиете 370.000 гласови е голема благодарност и да станете позната по улиците како Гога е многу во политиката во Македонија”.

Стево Пендаровски

Стево Пендаровски ја победи Силјановска Давкова во вториот круг во 2019 и во вториот обид стана претседател.

„Благодарам на сите кои ми ја доверија обврската и честа да бидам претседател. Ќе бидам претседател на сите. Ќе бидам сојузник во остварување на интересите на граѓаните. Ќе бидам претседател од кој нема да се срамите и тука и во странство”, рече Пендаровски по победата.

Во 2014 не успеа да го совлада колегата Ѓорге Иванов.

На предвремените парламентарни избори во 2016 година Пендаровски беше носител на СДСМ во првата изборна единица која го опфаќа регионот на Скопје. По изборите беше пратеник во Собранието, потоа е назначен за национален координатор за подготовка на Македонија за членство во НАТО.

Опозицијата не му простува за, како што велат, неговото тврдење дека Гоце Делчев бил Бугарин.

„Неспорна историска вистина е дека Гоце Делчев се изјаснувал како Бугарин, во тој историски контекст, како што е неспорна историска вистина и факт дека се борел за македонска држава”, изјави Пендаровски.

За грев му ја припишуваат и изјавата дека ако не е претседател, и тој би се иселил. Велат дека ги аминувал сите одлуки и закони на СДСМ и ДУИ, иако не го потпиша Законот за игри на среќа што го раскара со интегративците.

Како претседател, одеше и му доаѓаа на гости претседатели и премиери, но и деца и студенти, занаетчии и борци. Се сети и одликуваше пејачи, актери, македонисти.

„Не сум идеален, но ноќе мирно спијам”, ќе рече во своето новогодишно обраќање.

Стевчо Јакимовски

Стевчо Јакимовски е претседател на партијата Граѓанска опција за Македонија (ГРОМ) и градоначалник на општина Карпош. Бил министер за економија и за труд и социјална политика. Смени три партии: ЛДП, СДСМ и ГРОМ, во 2013 се раскара со СДСМ и ЛДП за локалните избори.

Кандидатурата на Јакимовски за градоначалник на Карпош е направена со позајмен печат од „Српската напредна партија“ на Драгиша Милетиќ, кој сепак тогаш остана во опозициониот блок. Изборната локална победа ја славеше со микрофон пеејќи „Не може нам нико ништа, јачи смо од судбине…”. Дел од граѓаните реагираа – не му може никој ништо затоа што во секоја зграда и ДУП има по еден стан. Во 2017 е обвинет дека на митинг користел навредливи и деградирачки зборови со цел да го „нападне“ против-кандидатот, наведувајќи дека за него се зборувало дека е хомосексуалец. Притоа, посочува на хомосексуалноста, нарекувајќи ја „најопасната мафија“, „мафија која сака да се инсталира во општина Карпош“.

Беше клиент и на Обвинителството за злоупотреби, но немаше судски епилог. Големиот поддржувач, сега е најголем критичар на ВМРО-ДПМНЕ.

Рече дека добил поддршка да биде кандидат на партијата за претседател, токму поради неговото долгогодишно искуство, годините што ги има зад себе, белата коса, но и резултатите кои во неговото работно и политичко дејствување ги направил, како и секогаш јасните политички ставови кои јасно ги изразувал.

Максим Димитриевски

Уште еден побегнат од СДСМ влегува во претседателската трка, Максим Димитриевски, поддржан од ЗНАМ.

Првата градоначалничка функција ја добива како кандидат на СДСМ, втората како независен, иако познавачите велат дека ВМРО-ДПМНЕ скриено му даваше поддршка, повеќе нему отколку на својот кандидат. Беше пратеник од редовите на СДСМ и еден од најжестоките борци по улиците на Скопје за демократија по објавувањето на бомбите и човекот кој беспоштедно ги бранеше своите соборци и Заев во Собранието.

Иако упорно изјавуваше дека е член на СДСМ, упорно укажуваше на грешките и политиките, особено за црвените линии и по прашањето за Гоце Делчев и Уставот.

„Македонија досега го менуваше својот Устав неколку пати и сметам дека Уставот не е обичен тефтер хартија кој што треба да се менува во континуитет, вели Димитриевски.

Бујар Османи

Таравари и албанската опозиција не успеаја да го извадат на терен Али Ахмети, бидејќи, како што изјави, играл во многу повисока лига од Таравари. Го испофали Османи дека ќе биде добар играч.

„Со Бујар го започнуваме најважниот референдум на нашето време и следната битка за да ја добиеме вашата доверба, за да го избереме Претседателот во Собрание со двотретинско мнозинство и со Бадинтерово мнозинство, за да ја оствариме нашата визија за консенсуален претседател“, рече Ахмети.

Лекарот Бујар Османи е министер за надворешни работи, поранешен министер за здравство, вицепремиер за европски интеграции, портпарол и еден од луѓето од доверба на Ахмети.

Еден е од интегративците без големи афери. Човек е што сака публицитет и сака да се слика, постојано е следен од камерман и фоторепортер на настаните. Го обиколи цел свет како претседавач со ОБСЕ. Беше голем оптимист за влезот во ЕУ, но желбата сѐ уште му е неостварена.

„Цврсто верувам дека нашиот развој и безбедност се возможни само преку стремежот да изградиме модерно демократско општество, како дел од евроатлантското семејство. Предвидливата иднина за сите нас е возможна со надворешна политика која е конструктивна и конзистентна”, вели Ахмети.

Мерсиха Смаиловиќ

И уште една жена, граѓански активист, сака да биде претседател. Мерсиха Смајловиќ е позната по застапувањето за човековите права, борбата против дискриминацијата, заложбата за родовата еднаквост, правата на етничките групи.

„Иако за прв пат бошњачката заедница има свој претседателски кандидат, мојата етничка припадност не ја одредува во политички контекст, програмата и заложбите ќе бидат за подобра иднина на сите луѓе во нашето мултиетничко општество, а фокусот во кампањата ќе биде на сите граѓани на државава“, вели Смаиловиќ.

Уверува дека својот активизам го докажала преку партијата. Со своите заложби докажала дека нивна замисла е оваа кампања да ги претстави сите важни проблеми и предизвици коишто ги имаат граѓаните на нашата држава и да понудат реални решенија коишто ќе бидат вистинити и функционални, а не само политички памфлети коишто ќе го поминат денот.

„Наша цел во текот на кампањата е да ги слушаме граѓаните, како што ги слушавме во изминатиот период и да одговориме на нивните наједноставни прашања кои го засегаат нивниот живот. Да го направиме животот подобар за сите нив и да нудиме перспективи коишто ќе го направат многу поедноставен животот и многу поприфатлив. Мојата идеја на внатрешен план е да ја зајакнеме кохезијата, а на надворешен план да ги зајакнеме добрососедските односи и односите со нашите стратешки партнери, но да се водиме исклучиво од тоа што е во интерес на граѓаните”, истакна Смаиловиќ.

Во јавноста е позната по нејзините залагања за правата на бегалците, борбата против исламофобијата. Таа беше активно вклучена во бројни хуманитарни мисии на глобално и локално ниво.

Мерсиха дипломирала на Правниот факултет на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Таа е сопственичка на компанијата за финансиски и правни услуги „Нахла консалтинг“.

И уштре тројца

На сцената се појавија уште тројца кандидати кои се обидуваат да соберат 10.000 потписи. Зорица Цветковска,Томе Николоски, Господин Поповски и Ѓорѓи Манасков, ќе се обидат да обезбедат 10 илјади потписи.

На почеток