Koja e кандидатката од „Десна“ на Палчо која собира потписи за претседател
Во претседателската трка сака да влезе и Зорица Цветковска, која до сега има собрано 140 потписи од потребните 10.000. Во одговорите што ги добивме, таа се претставува како кандидат за претседател на Република Македонија, верува дека ќе ги собере сите потребни потписи, а програмата и е експлицитно македонска. „Десна“ се поврзува со Љупчо Палевски-Палчо кој е осомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски и се наоѓа во екстрадиционен притвор. Него го промовира како невино лице, а истото го кажува и за останатите нејзини сопартијци кои пред правосудните органи признаа дека учествувале во делата.
„Во насока на промоција на Република Македонија првото нешто што ќе го направам кога ќе стапам на позиција претседател на Република Македонија, ќе покренам иницијатива за распишување референдуми за раскинување на договорите со Бугарија и Грција.Потписи очекувам да добијам од сите македонски родољуби, максимално свесни дека во борбата за Република Македонија една од важните алки е токму институцијата претседател на Република Македонија”, вели Цветковска за „Скопје1“.
Прашана за Палчо, осомничен за двојното убиство, посочува дека го познава и дека нема вмешаност во случајот. Навлага во детали и посочува дека во моментот на убиството, тој бил во партијата со која раководеше.
„Моето мислење за Палчо е екстремно позитивно, особено по местенката што му ја приредија Оливер Спасовски, Димитар Ковачевски и сите оние што стојат зад нив во целата афера. Љупчо Палевски е македонски родољуб, еден од најпосветените на македонското дело. Тој е љубител на домашни миленичиња, човек кој што никогаш не кренал глас, кој што секогаш имаше решение за се, никогаш, ама никогаш нема да крене рака на старец и девојче, ни теоретски во предизборен период. Со сигурност знам дека Палчо во времето на убиството на Вања бил во штабот на ПП ДЕСНА, тоа го знаат уште неколку луѓе кои што во тоа време свратиле во седиштето. Набругу ќе се врати во Македонија и ќе ги разобличи сите оние што учествувале во сценариото и режијата во негово оцрнување. Дека е местенка, доказ е жигосувањето и на нас членовите на ПП ДЕСНА, меѓу кои и на мене. Впрочем, за тоа имам поднесено и тужбено барање за клевета, навреда и нарушување на честа и угледот, мислам против лицето Оливер Спасовски”, одговара Цветковска.
Ги познава и Манев, Видевски и Кешишев, осомничени во истиот случај и посочува дека не се убијци.
„Ако мислите на осомничените лично од обвинителот Бубевски и фрустрираниот министер Спасовски, да ги познавам сите. За сите нив, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев имам позитивно мислење, без врска што сите тие имаа различни функции во партијата. Со Велибор и Боре, собравме огромен број декларации за зачувување на името на МПЦ-ОА, во Повардарието. Тие луѓе ниту се убијци, ниту замешани во случајот. Она што го знам е дека Боре има дадено изјава под тешка тортура, бил тепан се додека не го „признал“ делото. Од ќотекот едниот бубрег му е откажан и сега има катетер. Некој сериозно ќе одговара за сериозно надминување на овластувањата. Мислам на полициските службеници што со ќотек го имаат изнудено неговото првично признание, кое што потоа, во присуство на адвокатот го има сменето. Боре изричито вели дека не е виновен, за што постојат и материјални докази дека не бил на местото на настанот”, е ставот на Зорица Цветковска од „Десна”.
Мотив за собирање потписи и е огромната љубов кон Република Македонија и македонскиот народ.
„Можете ли да замислите, дека во период на промена на името на Република Македонија, буквално секој ден, после работата, бев на протести и така 96 дена по ред. Само ако замислите со колкава љубов, посветеност и преданост ги носев транспарентите, ќе ја сфатите мојата мотивација, да бидам претседател на Република Македонија, и буквално како прв човек на Македонија, да сторам многу повеќе од колку што можам сега. Република Македонија мора да продолжи да постои. Мојата национална припадност мора да биде Македонка. Секој оној кој што ги дели моите определби и заложби, треба што е можно побргу да појде до една од канцелариите на подрачните единици на ДИК и во списокот назначен со Зорица Цветковска да го стави својот потпис”, бара Цветковска.