Македонија

МЗ: Одржана дебата со ученици од средните училишта, во рамки на кампањата за подигнување на јавната свест за органодонорство и трансплантација

Во рамки на кампањата за подигнување на јавната свест за органодонорство и трансплантација во земјава, изминатата недела во просториите на „Еurope house“ Скопје се одржа дебата со ученици од средните училишта на тема органодонорство. На дебатата учествуваа ученици од средните државни училишта „Раде Јовчевски-Корчагин“, „Јосип Броз Тито“, „Здравко Цветковски“, „Лазар Личеноски“, „Панче Караѓозов“, како и претставници од Сојузот на средношколци.

На дебатата учествуваа и проф. д-р Маја Мојсова Мијовска, национален координатор за трансплантација, асс. д-р Билјана Андоновска, заменик национален координатор за трансплантација и Адријана Георгиев, раководителка на програмата за трансплантација на органи и ткива при Министерство за здравство.

Учениците од средните училишта имаа можност да ги слушнат и словенечките искуства на оваа тема од д-р Даница Авсец која со години го водеше „Словенија Трансплант“ и тим лидер на проектот за трансплантација и органодонорство, што во моментот се спроведува во нашата држава.

Дебатата се надоврзува на двата повика за визуелни дела, постери, слоган и лого за професионални дизајнери и за средношколци, со цел брендирање кампања која ќе ја покаже важноста на трансплантацијата, не само како медицинска дејност, туку и од аспект на хуманост, љубов, емпатија, надеж.

– Од тоа што го слушам, младите во суштина го познаваат принципот на органодонорство и трансплантација. Идејата на оваа средба со учениците е да го доближиме процесот кој можеби изгледа страшно, дури и за повеќето здравствени работници, не само за средношколците. Сметам дека треба да допреме до младите како идна сила на ова општество – да се информирани, да носат сопствени одлуки. За жал, никој од нас не е вечен. Неопходен ни е разговор на теми од кои нема да се плашиме, и ќе градиме ставови. Некогаш животот нѐ носи во ситуации кога ни е потребно соочување и важни одлуки. Органодарувањето некогаш е живот, а некогаш продолжување на животот. Дарувањето после мозочна смрт значи уште поголема љубов од дарувањата во рамки на семејството. Лесно е да ги сакаме нашите членови од семејство, блиско и далечно. Но, кога се дарува на непознати приматели – зборуваме за човечката димензија на љубовта, која ги надминува границите на нашето семејство. Генерално, сѐ се сведува на тоа да си помагаме едни со други. Блиските секогаш треба да носат одлуки со кои ќе бидат во мир, и ќе бидат во согласност со нивните душевни и човечки особини, истакна д-р Мојсова.

Настанот е дел од проектот „Поддршка на системот за донирање и трансплантација на органи во Македонија“, финансиран од ЕУ.

На почеток