Џафери нема намера да бара одговорност од Фондот за иновации поради Дрин Ахмети
Никој нема да понесе одговорност од раководството на Фондот за иновации, иако Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) изрази сомнежи за нивната работа, а ексчленот Нури Бајрами кажа дека има сомнежи и за незаконско доделување на државни пари на две фирми на Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Според Џафери, сите ќе си останат на директорските функции се додека, обвинителството не докаже вина кај нив.
„Владата ниту е судија, ниту е обвинител. Соодветната независна институција поднела информација таму каде што требала да поднесе. Владата не може да постапи како суд. Пресумција на невиност е основно правило во правото, надлежните институции ако имаат поинаква одлука, нема причина да не постапи Владата“, кажа Џафери.
Поранешниот член на ДКСК, Нури Бајрами побара од Владата да ја преиспита целокупната работа на ФИТР затоа што, како што рече, постои основано сомневање за несовесно и противзаконско работење на сите органи на Фондот за иновации. Меѓу другите сомнежи е и она за незаконско доделување на државни пари на две фирми на Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Според податоците на ДКСК досега од буџетот на Фондот биле исплатени вкупно шест милиони денари, а при тоа не била направена ниту една контрола за да се види како се потрошени нивните пари.