(Видео) Кога ќе проработат новите камери и ќе се казнува по пошта: инсталацијата е во тек…
Новите камери поставени низ скопските улици имаат мерачи на брзина и можност да препознаваат кога се прави прекршок со поминување на црвено светло. И сето ова е функционално. Остануваат измените на Законот за безбедност во сообраќајот, па тие ќе почнат да се употребуваат и во пракса. Без одговор од МВР се низа прашања – па не се знае на колку раскрсници се поставени, но и кога ќе бидат вклучени. Вакви камери се поставени на влезот од Скопје во Гази Баба, како и на клучни точки каде досега често имаше тешки сообраќајни незгоди.
„Имплементацијата на надградбата на системот Безбеден Град е во почетна фаза. Во тек е пристигнување на целокупната опрема и подготовките за поставување на новите сајтови, и се очекува наскоро истата да се инсталира. Претходно веќе е извршено одредено тестирање на опремата во поглед на брзо возење и поминување на црвено и резултати од тестирањето на опремата и камерите се позитивни“, велат од МВР за „Скопје1“.
Оттаму велат дека чекаат законски измени за да казните можат да се изготвуваат и стигнуваат директно на домашна адреса.
„Во постапка се измени и дополнувања на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, во кој ќе се уредува начинот на обезбедување и испраќање на доказниот материјал до сторителот на прекршокот“, додаваат од МВР.
Временската рамка за имплементацијата за надградбата за системот Безбеден Град е класифицирана информација.