Скопје

Јовковска и Камилоска: Помалку пластични цвеќиња, а повеќе права за жената на 8 Март

По повод Денот на жената, 8 Март, градоначалникот на Центар Горан Герасимовски, направи кратки интервјуа со две жени од Центар познати по својот општествен ангажман и активизам за правата на жените. Ана Јовковска и Ирина Камилоска се жени од Центар кои секојдневно ги поттикнуваат и мотивираат жените да се борат за своите права но и да ги надминуваат предрасудите и стереотипите.

Ирина предизивика внимание во јавноста кога започна необична форма на активизам која ја нарече „Искачување на Водно со бебиња“. Таа поттикна млади мајки да бидат физички активни и покрај тоа што имаат многу мали деца и заедно со нив да се искачуваат на Водно.

„Ја организирав акцијата затоа што сакав да си дадам шанса на себе си и на многу други мајки коишто се најдоа во една иста ситуација како мене, затекнати од мајчинството, да продолжат да бидат активни“, вели Ирина.

Групата достигна повеќе од 20 мајки кои редовно се искачуваат на Водно истовремено уживајќи со своите бебиња на чистиот воздух. За Денот на жената Ирина како жена спортист порача дека се уште постои дискриминација на жените во спортот и дека мора да се работи на зголемување на бројот на жени на раководни функции во сите сфери. Герасимовски потсети дека Ошптина Центар е една од ретките каде бројот на раковосни позиции е исполнет со повеќе жени од мажи и дека исклучително многу се внимава на родовата еднаквост.

„Во Општина Центар поголем број на вработени прво во самата општина се жени. Имаме осум училишта што сите ги раководат жени, имаме три градинки каде што во истите директорки се жени. Претседател на Совет е жена, само градоначалник е маж“, низ смеа заклучи Герасимовски.

Ирина на крајот од видеото испрати и порака до сите жени да продолжат да се борат за подобар општествен статус.

„Моја порака до сите жени е да се борат за себе и своето место во општеството. Да се биде жена значи дека ја поседуваш силата меѓутоа таа сила е истраена со една ранливост која што ја имаме сите ние жени. Но да се биде жена верувајте дека ја имате силата да го поместите светот со своите дланки само треба вистински да го посакате тоа и да не гледате ниту една пречка во животот за вашите цели“, заврши Ирина.

Ана Јовковска пак говореше за зборот и комуникацијата како моќна алатка со која таа се бори за правата на жените и со кој се обидува да го подигне гласот на жените во општеството. Таа раскажа како започнала да биде активна на полето на женскиот активизам кога пред 15 години како новинар за прв пат имала можност да интервјуира неколку жени коишто беа жртви на семејно родово базирано насилство, што ја поттикнало да остане целиот живот вклучена на оваа тема.

„Зборот е многу моќна алатка и тоа е она што постојано го повторувам, да се чуе гласот на секоја една жена. Пред 15 години имав можност да интервјуирам неколку жени коишто беа жртви на семејно родово базирано насилство. Имав можност нивните стории да ги следам од секоја модринка на телото преку нивните емоционални лузни, па се до шелтер центрите во кои беа сместени. Една од нив се сеќавам дека беше и со малечко дете. Наша одговорност е да се бориме за оние чии што глас е стишан“, вели Јовковска.

На прашањето на Герасимовски што функционерите треба да прават за унапредување на положбата на жената, Јовковска порача дека е од суштинска важност жените да се вклучени во донесување на клучни политички одлуки и да се поставени на лидерски позиции.

„Ние мораме да имаме исти можности и загарантирани еднакви права. Значи еднаков пристап до здравствени услуги, секако до работни позиции значи еднаков пристап до пазарот на трудот, но и исти плати од друга страна. Потребна е вклученост на жените во донесување на клучни политички одлуки, лидерски позиции но и услуги. Потребни се бесплатни гинеколошки прегледи кои што би биле достапни во секое населено место, родителското отсуство и вреднување на неплатениот домашен труд. Знаеме колку жени минуваат време и трошат енергија во грижа за домашните. Клучно би рекла дека мора да се обезбеди живот без насилство. Заштита од секаков тип насилство од физичкото насилство како една најбрутална форма, психолошкото насилство, економското насилство па и она што е денес најактуелно дигиталното или сајбер насилството. Со други зборови некаква сигурност за независност кај секоја една жена“, заклучи Јовковска.

Герасимовски ја праша каква порака би сакала да сподели на меѓународниот Ден на жената на што Јовковкса рече:

„Жените се повеќе треба да се освестуваат тоа дека треба да си бидеме поддршка едни на други да се бориме за женска солидарност. За 8 Март само би порачала да има помалку подароци и пластично цвеќе, а повеќе изборени женски права и женски слободи“, заврши Ана.

На почеток