Охриѓанец сведочи за голгота во СВР Охрид: Се смееја, па ме бркаа како криминалец со потерница од Интерпол
Иљче Затаракоски, охриѓанец и познат критичар на состојбите во Македонија, раскажа за голгота која тврди дека ја поминал во СВР Охрид. Бил да подигне документи од канцелариите, а таму службениците си пиеле кафе. Ги прашал дали одат на работа само за да пијат кафе, па извадил телефон за да ги фотографира, по што, според него, почнала голготата.
„Стигвам од Скопје и одам да видам да не случајно работат, да си ги земам документите. Главната врата е отворена и се качувам во канцелариите. Секаде се слушаат луѓе ама сите се заклучени. Отклучена е само канцеларијата за возачки. Отворам и гледам внатре четворица си пијат кафе. Прашувам дали може да се подигнат документите, ми викаат не. Прашувам пак, а сабота само за кафе идате да пиете? И најсилниот внатре со дерење ми одговара ДА БЕ ДА! После одговорот барам да ми се идентификуваат сите. Почнуваат да ми се смеат и јас вадам телефон и ги фоткам. Е тука почвит интересното…излегвет сите по мене да ме бркет ко да се криминалци со потерница од Интерпол, ми блокирет влез пред скали и 10 минути ме држат тука со закани дека ќе ми викнат полиција да ме апсела (да не пишувам за тоа дека службеник не знае разлика меѓу прекршочно и кривично дело), па викаат појачање од пасоши шо уште толку ми се заканвит и ми барат документ за идентификација. Да не правам муабет за тие кокошките службенички шо цело време се силеа “извади му ја значката” Е сега да прашам…од каде право на некој службеник да ми ограничит движење и да ме идентификуват без тој да ми се претставит? Инаку ни на крај не ги дадоа имињата, ама ќе ги најдам…и поздрав до тој најсилниот на крај шо ми рече дека ќе требало да се селам ако сум продолжел вака“, напиша Затаракоски.
Во нов статус, објави дека добил и пријава.
„На крај јас си добив пријава за омаловажување на службеник, и то со полиција на врата за да дадам изјава. Како е тргнато ќе испаднит дека јас сам сум си го ограничил движењето и не сум се пуштал да си излезам од нивната институција, а тие трпеле и ќутеле. Кај живејме ние ееееј…“, пишува тој.
За овој случај, засега нема детали од МВР.