Македонија

Деспотовски: Да ги платиме нашите луѓе повеќе за да останат дома

Деспотовски: Оставаме успешна година зад нас, имаме просечен раст на бруто плати од 20% и 18.000 работни места

“Справувањето со недостигот на работна сила на Западниот Балкан бара рационален и храбар пристап. Треба прво да видиме што може да се направи во регионот со постоечките ресурси, а не да одиме во потрага по работна сила. Потребено ни е преструктурирање на економијата, инвестирање во технологија и индустрии кои носат поголема додадена вредност и подобро платени работни места,“ изјави Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ на Балканскиот форум кој се одржува во Будимпешта. Деспотовски, на покана на Унгарскиот институт за надворешни работи, како главен говорник на панелот посветен на справувањето со недостаток на работна сила во Централна и Југоисточна Европа истакна дека за решавање на ова актуелно прашање многу е важно работите да се гледаат и анализираат преку квантитативен и структурен пристап за да се изнајдат ефективни решенија.

„Разликата во продуктивноста меѓу земјите во регионот, што е потврдено и преку статистиките за продуктивност и удел во БДП по глава на жител, отвора критични прашања во врска со ефикасноста на работната сила и секторската дистрибуција. Споредбата на продуктивноста на Словенија со Македонија, Србија и Албанија открива остри контрасти. И покрај сличната големини на населението, Словенија покажува значително повисоки нивоа на продуктивност. Овде се поставува прашањето зошто ист број луѓе во Словенија произведуваат 5 пати повеќе отколку во Македонија или зошто истото производство во Србија се генерира со 3,5 пати повеќе луѓе отколку во Словенија?, “ рече Деспотовски. Според него со оптимизација на сектори и трансфер на работници може да се случи потребната промена, како на пример со трансфер на работници од земјоделие, традиционалните ниско платени производствени дејности, како и од јавната администрација во сектори потребни на пазарот на работна сила.

Во справувањето со недостигот на работна сила, странските работници се појавуваат како брзо решение за ублажување на моменталните притисоци, смета Деспотовски, но според него од клучно значење е при ангажирање странска работна сила да се земат в предвид и културната компатибилност, владеењето на јазиците и приспособливоста заедно со техничките вештини.

„Концептот за слободно движење на работната сила во Македонија, Србија и Албанија во рамки на Отворен Балкан има добар потенцијал да ги раздвижи пазарите на работна сила и да поттикне економски раст. Дозволувајќи поголема синергија меѓу овие земји, можеме да ја забрзаме нивната заедничка развојна линија и да го затвориме јазот којшто го имаме во однос на понапредните економии. Со поттикнување на редефинирање на секторите, разумно прифаќање на странската работна сила и користење на регионалната соработка, можеме да го отвориме патот за одржлив економски раст и просперитет низ Западен Балкан,“ посочи Деспотовски.

На панелот учествуваа претставници на германската Бизнис асоцијација за Југоисточна Европа, виенскиот Институт за економски студии како и професори од Економскиот факултет во Белград и унгарската Фондација за економски истражувања.

Над 100 експерти, политичари и претставници на невладини организации учествуваат на Балкански форум во Будимпешта 2024, во организација на Унгарскиот институт за надворешни работи. Меѓу нив годинава се и министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сијарто, Дубравка Џедовиќ, министерка за рударство и енергетика на Србија, Весела Чернева заменик директор на Европскиот Совет за надворешни односи и Игли Хасани, министер за Европа и надворешни работи на Албанија. Дводневниот форум годинава се фокусира на енергетиката, економијата и на евроинтеграцијата на Западен Балкан. Балканскиот форум се одржува осма година по ред.

На почеток