Македонија

Директорот на ТИРЗ Димовски во официјална посета на Текнопанел

Во склоп на серијата посети на фирми кои работат во технолошко индустриските развојни зони, а со цел директна комуникација и поддршка на компаниите, директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски ја посети фабриката на Текнопанел во Скопје.

Фабриката, која е во завршна фаза на изградба, наскоро ќе започне со целосна работа, што претставува значаен чекор кон економскиот развој отворајќи нови работни места.

Текнопанел е реномирана компанија, основана со цел да обезбеди висококвалитетни панели и изолациони материјали за градежната индустрија. Со своите иновативни решенија и современи технологии, компанијата е предводник во индустријата, овозможувајќи одржлив развој и ефикасност на градежните проекти низ светот.
„Горди сме што компанија како Текнопанел ја избра Македонија за својата нова инвестиција, која всушност е и прва инвестиција надвор од Турција. Новата влада како клучни приоритети ги постави економскиот раст, новите работни места и привлекувањето нови инвестиции. Овие приоритети ќе останат главен двигател на нашата работа. ТИРЗ и понатаму ќе ги поддржува инвестициите кои носат долгорочни придобивки за нашата земја.“ – изјави директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски.

„Географската положба на Македонија, како и целокупната поддршка од тимот на ТИРЗ беа клучни за оваа инвестиција. Искрено се надеваме на понатамошна соработка. Уверени сме дека заедничките напори ќе резултираат со успех и долгорочен развој.“ – истакна Орхан Кахвеџи, генерален директор на Текнопанел.

Посетата на фабриката на Текнопанел во Скопје, претставува уште еден доказ за посветеноста на ТИРЗ во поддршката на инвеститорите и обезбедувањето на поволни услови за инвестирање. Со новите проекти и иницијативи, Македонија продолжува да биде атрактивна дестинација за странски инвестиции и технолошки развој.

To Top