Хамас ја претстави својата визија за мировен договор
Палестинската милитантна група Хамас соопшти дека им ја претставила на посредниците во потенцијалниот договор со Израел својата „визија за мировен договор, кој се заснова на запирање на израелската агресија врз Палестинците во Појасот Газа“.
Тоа вклучува во првата фаза ослободување на израелски жени, деца, постари и болни заложници во замена за ослободување на 700-1.000 палестински затвореници, според предлогот што го видел Ројтерс.
Предлогот предвидува и ослободување на 100 палестински затвореници кои отслужуваат доживотна казна затвор во израелските затвори, во замена за ослободување на израелските „жени регрути“.
После тоа би се одредувал рок и датум за израелското повлекување од Газа, се наведува во предлогот.
Тие изјавија и дека бараат помош и враќање на раселените Палестинци во нивните домови.
Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека новиот предлог за примирје во Појасот Газа, кој претставниците на Хамас го претставија пред посредниците, „се уште се заснова на нереални барања“.
Во соопштението се вели дека ажурираните информации за ова прашање ќе бидат претставени на воената влада, пренесува Ројтерс.
Преговорите меѓу Израел и Хамас за прекин на огнот во Појасот Газа за време на Рамазан, кои се одржаа со посредство на САД, Катар и Египет, не дадоа резултати, иако сите страни изразија очекување дека е можен договор.