Македонија

Нова опасност: Можна епидемија од морбили

Епидемиолозите, педијатрите и детските лекари предупредуваат дека е можна уште една опасност и да се појави епидемија од морбили.

Кај нас сè уште нема регистрирани заразени од морбили, но укажувањето е поради загрижувачката состојба во регионот и случаите со заразени од морбили.

„Ќе апелираме до градинките проверката на картоните да оди поинтензивно, поригорозно и во проверката да биде вклучена и вакцинацијата против морбили. Имаме шанса да го изгаснеме овој пожар пред да почне. Тука сме, на прагот на почнување нов пожар“, рече претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски.

На вчерашната прес- комференција, Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација, предупреди дека ризикот од две епидемии кај нас е многу голем. Сипаниците ни се доближуваат на ист начин како што ни се доближи големата кашлица и прерасна во епидемија во Скопје.

„Исто онака како што посочивме во октомври дека бранот на движење на пертусис во регионот, движејќи се од Хрватска и Србија, доаѓа накај нас, а сега го потврдивме, сериозно апелираме и во однос на морбилите. Секаде во регионот веќе имаме епидемии. Мора да се подигне свеста кај родителите, кај граѓаните, дека мора да го запазиме делот на превентивата со цел да имаме здрави поколенија, здрави деца. Вакви состојби на здравствена криза воопшто не ни се потребни, особено ако две епидемии ни се случат истовремено“, рече Грозданова.

Таа беше јасна дека вакцината против морбили може да се прими во ист ден со дитепер.

Уште во јануари Комитетот за имунизација до вакциналните тимови испрати препорака секое дете што доаѓа да ја прими ревакцината против пертусис на 18 месеци, бидејќи МРП се прима најрано на 13 месеци, да се искористи ревакцинацијата на дитепер и заедно да се прими МРП.

Тие ги едуцираат родителите дека не постои никаков проблем двете вакцини да се примат во ист ден. Претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Александар Петличковски, вчера изјави дека состојбата со голема кашлица не е добра, можно е да има и построги епидемиолошки мерки.

Во однос на состојбата со грип, во државата има нови 427 случаи од 4 до 10 март, а најмногу од тоа во Кавадарци.

Децата кои примиле три дози на ДиТеПер вакцината ќе може да посетуваат градинка, но под услов да се ревакцинираат за шест месеци

На почеток