Јавна „тајна“ се носителите на листи од СДСМ: Ковачевски не ги открива, но извори ги откриваат дел од имињата
Во тајност се држат носителите на листи од СДСМ и кандидатите за пратеници. Претседателот на партијата, Димитар Ковачевски, кажа дека станува збор за познати кадри кои извршувале високи функции, но не и кои се тие.
„Носители ќе бидат партиски членови кои и во минатото извршувале високи функции во државата, а истото го мислам и за кандидатите за пратеници. Ќе имаме конгрес на почетокот од последната недела во месец март“, рече Ковачевски.
Според информации на „Скопје1“, во изборната единица еден, носител ќе биде партискиот лидер Димитар Ковачевски. Тоа тој го потврди и во неколку наврати. Според досегашната пракса, ќе има и втор носител на листа, а тоа најверојатно ќе биде лидерката на ЛДП, Моника Зајкова.
Во втората изборна единица, предводници ќе бидат Фатмир Битиќи и Сања Лукаревска. А пак, Оливер Спасовски кој во минатото беше носител во двојката, сега се сели во третата изборна единица, заедно со Љупчо Николовски.
Четворката е резервирана за Венко Филипче, додека петтата изборна единица ќе биде предводена од Јован Митревски и Бисера Костадиновска-Стојческа.
Шестата изборна единица е неизвесна. Таму се споменуваат повеќе имиња за носители на листа, како Славјанка Петровска и Миле Зечевиќ. Партијата, нема одлучено кој ќе биде.
На уште едно добитно место се надева ЛДП, но и НСДП. Тука битката е помеѓу досегашните Соња Мираковска и Горан Мисовски, но аспирации има и партискиот секретар Мики Милковски.