Свет

(Видео) Путин за прв пат го проговори името на Алексеј Навални

Путин повторно ќе се кандидира за претседател

Рускиот претседател Владимир Путин за прв пат, по неговата нова изборна победа, го изговори името на сега веќе починатиот опозиционер Алексеј Навални.

Според прелиминарните резултати, Путин освоил околу 87 отсто од гласовите и обезбедил уште еден шестгодишен претседателски мандат.

Тој им се обрати на поддржувачите и на медиумите од неговиот изборен штаб, каде беше прашан и за Алексеј Навални, кој почина во затворска колонија во февруари.

Ова е првпат Путин да го изговори името „Навални“ откако лидерот на опозицијата беше отруен и приведен во Русија.

„Што се однесува до господинот Навални. Да, тој почина. Ова е секогаш тажен настан. Сме имале и други случаи кога луѓе умирале во затвор. Зарем тоа не се случи во САД?“, праша тој.

Тогаш новиот стар претседател потврди дека се планира Навални да биде разменет за други затвореници.

Путин истакна дека некои колеги, кои не се функционери во администрацијата, го информирале дека постои идеја да се замени Навални за некои луѓе кои се во затвор во западните земји.

„Можеби ми верувате, можеби не, но тој што разговараше со мене сè уште не ја завршил реченицата, но јас реков дека се согласувам“, изјави Путин на новинарите на конференцијата за претседателските избори.

Тој истакна дека за тоа има еден услов, а тоа е Навални да не се врати во Русија.

На почеток