Свет

Почнува судењето на Марјановиќ, обвинет за убиство на пејачката Јелена Марјановиќ

Во Вишиот суд во Белград денеска треба да почне повторното судење на Зоран Марјановиќ, обвинет за убиство на сопругата, пејачката Јелена Марјановиќ, на 2 април 2016 година.

На прелиминарното рочиште, кое се одржа без присуство на јавноста на 14 февруари, Марјановиќ накратко ја негираше вината, додека неговите бранители презентираа докази.

Меѓу другото, предложено е да се реконструира настанот, да се интервјуираат сите лица кои биле на насипот на 2 април, како и да се сослуша ќерката на Зоран и Јелена, која тој ден била со нив на насипот.

Марјановиќ денеска детално треба да ја изнесе својата одбрана.

Судењето се повторува бидејќи Апелациониот суд ја поништи првостепената пресуда со која Марјановиќ беше осуден на максимална казна од 40 години за кривично дело тешко убиство.

На 3 октомври минатата година Апелациониот суд му го укина притворот на Марјановиќ.

Марјановиќ од почетокот на судењето тврдеше дека не ја убил сопругата, но тој одби да одговори на прашањата на обвинителството за време на судењето.

Тој беше уапсен на 15 септември 2017 година, година и пол по убиството.

И пред тоа беше приведен, но по сослушувањето во полиција и земање полиграф, поради немање докази беше пуштен на слобода.

Пред апсењето тој во неколку наврати во медиумите зборуваше за убиството, а учествуваше и во телевизиско реално шоу.

На почеток