Свет

Израел не престанува да напаѓа

Израелската армија ги засили нападите на југот на Газа

Дваесет Палестинци се убиени рано утринава во израелските воздушни напади врз Рафах, како и врз централниот дел на Појасот Газа, соопштија денеска здравствените власти во енклавата.

Тие додадоа дека во Рафах, на југот на енклавата, каде во моментов се наоѓаат над милион Палестинци, 14 лица загинаа, а десетици други се ранети во нападите што погодија неколку куќи и станови.

Уште шест лица загинаа во вториот воздушен напад врз куќа во бегалскиот камп Ал-Нусеират во централниот дел на Појасот Газа, додадоа официјални лица.

Деир Ал Балах, град во централниот дел на Појасот Газа, на околу 14 километри јужно од градот Газа, исто така беше бомбардиран во текот на ноќта, јавува Ројтерс.

Од почетокот на израелската агресија врз Газа, според Министерството за здравство во Појасот Газа, загинале повеќе од 31.000 луѓе.

Напад на територијата на Сирија. Израел денеска лансираше ракети од воздух кон неколку воени цели во близина на Дамаск и предизвика „материјална штета“, соопшти сириското Министерство за одбрана.

Сириската воздушна одбрана пресретнала дел од израелските ракети и ги соборила, пренесува Ројтерс.

Поддршката на Иран за сирискиот режим на Башар ал Асад и либанската група Хезболах предизвикаа чести воздушни напади од страна на Израел, кој има намера да ја намали воената моќ на Техеран во регионот.

Речиси 10 членови на Иранската револуционерна гарда се убиени во овие напади во Сирија од декември, што го натера Иран да испрати помали членови на гардата во земјата.

На почеток