Објавени конечните резултати од претседателските избори во Русија
Рускиот претседател Владимир Путин изјави денеска, откако Централната изборна комисија ги објави официјалните резултати од претседателските избори, дека поддршката на граѓаните му е поважна од победата и вети дека ќе направи се за да ја оправда нивната доверба.
„Минатата кампања беше интензивна и крајно одговорна, бидејќи ние најмногу го избравме патот по кој ќе оди Русија, избирајќи ја иднината за себе и за своите деца. “, рече рускиот претседател во обраќањето до граѓаните, пренесува РИА Новости.
Претходно, на посебна седница, претседателката на Централната изборна комисија, Ела Памфилова, ги објави официјалните резултати од претседателските избори во Русија одржани од 15 до 17 март, според кои Владимир Путин освоил 87,28 отсто од гласовите. Николај Харитонов освоил 4,31 отсто, Владислав Даванков 3,85 отсто, а Леонид Слуцки 3,20 отсто од гласовите.