Џакарта повеќе нема да биде главен град на Индонезија
Парламентот на Индонезија денеска донесе одлука за доделување специјален статус на главниот град Џакарта, со цел тој да остане економски центар на земјата.
Индонезија планира да го премести главниот град на земјата од пренаселената Џакарта, чија надморска височина се намалува, во Нусантар, град вреден 32 милијарди долари кој се гради во џунглата на Источен Калимантан, Борнео, пренесува Ројтерс.
Оваа градба е водечки проект на претседателот во заминување Јоко Видодо, кој вети подобра дистрибуција на богатството и развој низ целиот архипелаг, не само на островот Јава.
Министерот за внатрешни работи, Тито Карнавијан, по дебатата во парламентот рече дека Џакарта треба уште повеќе да се развива за да се натпреварува со другите „градови од светска класа“ откако седиштето на владата ќе се пресели во Нусантара. Според сегашните регулативи, Џакарта ќе остане главен град на Индонезија додека претседателот не издаде декрет за официјално именување на Нусантара за нов главен град, што е планирано за оваа година.
Оваа година се очекува владата да одржи официјална прослава на Денот на независноста на 17 август во Нусантара, а до крајот на оваа година се планира преместување на илјадници државни службеници, наведува Ројтерс.