Киев ги засилува безбедносните мерки по нападите на Русија
Бeзбедносните мерки во главниот град на Украина, Киев, ќе бидат засилени откако Русија изврши серија напади со балистички ракети и поради можност за ескалација, изјави денеска градски функционер.
Русија минатата недела започна координирани воздушни напади врз енергетскиот систем на Украина во, како што рече Москва, „одмазднички“ напади поради украинското бомбардирање на руските региони.
Оттогаш, Москва ја зголеми употребата на балистички ракети, кои се многу побрзи од конвенционалните крстаречки ракети и потешки за соборување, во нападите врз градовите.
Серхи Попко, шеф на воената администрација на Киев, рече дека советот за одбрана на градот ќе размисли што да прави за организирање јавни настани и ќе ја зголеми безбедноста околу големите собири.
Попко истакна дека ваквата одлука е донесена поради руските изјави и употребата на проектили кои ја погодиле целта за неколку минути по истрелувањето. Тој додаде дека руските агенти „и други непријателски елементи“ можеби се обидуваат да се инфилтрираат во градот.