Свет

Голем руски напад врз Украина

Украина соопшти дека соборила 20 руски беспилотни летала, а Русија 33 украински

Руски сили рано утринава ја нападнаа инфраструктурата во областа Камјанск, во близина на украинскиот град Днипро, при што е повредено најмалку едно лице, изјави регионалниот гувернер, додека медиумите Суспилна објавија дека има експлозии и во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки.

„Непријателот ја нападна критичната инфраструктура во регионот. Главната цел на непријателот е нашиот народ и виталните места за населението“, напиша на Телеграм гувернерот на регионот Днепропетровск, Серхиј Лисак.

Лисак не објасни за каков напад станува збор, но коментаторите на Телеграм објавија за употребените проектили и експлозиите во областа. Се наведува и дека е прекинато снабдувањето со струја и вода.

Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите од областа. Украинските медиуми јавуваат дека експлозии се слушнале и во Лавов, град на крајниот запад на Украина.

Оперативната команда на полските вооружени сили соопшти дека полските и сојузничките авиони биле активирани рано утринава откако Русија извршила ракетни напади врз Украина.

„Полските и сојузничките авиони летаат во полскиот воздушен простор, што може да резултира со зголемени нивоа на бучава, особено во југоисточниот дел на земјата“, командата објавена на социјалната платформа X.

Југоисточниот дел на Полска се граничи со Украина, забележува Ројтерс.

На почеток