Македонија

До полноќ ќе се знае кој сака да учествува во парламентарниот изборен маратон

Албанската опозиција следната недела ќе ја официјализира соработката за избори

До полноќ политичките партии и коалициите треба да ги достават листите за пратеници до Државната изборна комисија за парламентарните избори закажани на 8 мај.

Според правилата доколку ДИК утврди дека листата е поднесена во определениот рок и е составена во согласност со одредбите на Изборниот законик, поднесената листа ќе ја потврди со решение веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа.

Ако се утврди дека во листата има одделни неправилности, ДИК ќе го повика овластениот претставник на подносителот на листата да ги отстрани неправилностите во рок од 48 часа од приемот на известувањето на комисијата за неправилностите. Ако ДИК утврди дека констатираните неправилности или пропусти, подносителите на листата ги отстраниле во законскиот рок, поднесената листа ќе ја потврди со решение.
Во случај на неправилности од членот 67 став (2) од Изборниот законик, подносителот на листата може да го замени предложениот кандидат што не ги исполнува условите со нов кандидат во истиот рок од 48 часа и за истиот е должен самиот да ги обезбеди предвидените докази за исполнување на условите.

Ако ДИК утврди дека листата е поднесена ненавремено, односно по истекот на рокот определен со овој роковник, поднесената листа ќе ја отфрли со решение во рок од 24 часа од приемот на листата.

Собранието вчера, во рамки на 150. седница, го донесе Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, со кој се допрецизираат одредбите за определување на редниот број на гласачкото ливче за двата изборни процеси, односно политичките парти кои предложиле или поддржале кандидат за претседател на државата да можат да ги задржат извлечените редни броеви и за парламентарните избори за поедноставна презентација пред граѓаните.

Другите политички партии кои ќе учествуваат на парламентарните избори, пак, дополнително по пат на жрепка ќе извлечат редни броеви под кои ќе настапат на изборите.

ДИК треба да го заклучи и Избирачкиот список за претседателските и за парламентарните избори.

На почеток