Свет

Австриска полиција: Откривме кој е на видеото од Виена, не е Данка

Австриската полиција рано утринава соопшти дека двегодишната Данка Илиќ, која исчезна минатиот вторник во приградската населба Бањско поле, во близина на градот Бор во Србија, ја нема на видеото снимено во Виена, пренесува Телеграф.

„Српски државјанин кој живее во Виена им пријавил на српските власти дека забележал мало дете во придружба на две возрасни жени на трамвајска станица. Забележувајќи ја сличноста меѓу девојчето и двегодишното дете исчезнато во Србија, тој ги снимил трите луѓе и снимката ја сподели со српските власти.

Со оглед на тоа што роднините по прегледувањето на сликите изјавиле дека најверојатно станува збор за исчезнатото девојче, по наредба на Јавното обвинителство на Виена, фотографиите ги објави државната полициска управа на Виена на 3 април 2024 година. Сега е разјаснет идентитетот на луѓето од сликите и воспоставен е контакт со нив.

„Врз основа на истрагата и придружните факти, јасно и без никакво сомневање може да се исклучи врската меѓу лицата прикажани на објавените фотографии и исчезнатото девојче од Бор“, соопшти австриската полиција. Од таму додаваат дека ја продолжуваат истрагата во исчезнувањето на девојчето.

Австриската полиција вчера побара помош од граѓани кои знаат каде се наоѓаат жени кои биле во друштво со девојка која личи на Данка. Наредиле и фотографии од споменатите жени да бидат објавени во медиумите. Тие апелираа секој што ќе ги препознае веднаш да се обрати во полиција.

Инаку, австрискиот портал Космо синоќа напиша дека ја лоцирал едната од двете жени од видеото. Тие додадоа дека една од жените, Романка, тврди дека на видеото не е Данка, туку нејзината ќерка.

Новинарите преку група на Фејсбук ја контактирале жената А.Ц.С.(36). Според нив, таа е романска државјанка и живее и работи во Виена. Таа, како што велат, била „нервозна“ кога дознала што се случува. Жената доставила фотографии на порталот на кои таа и нејзината мајка се со мало девојче.

Да потсетиме дека Данка во моментот на исчезнувањето носела виолетови панталони и маслинесто зелена јакна. Мајката раскажала како Данка исчезнала додека одела да му даде вода на постарото дете. „Се свртев да му дадам вода на друго дете и кога повторно погледнав, таа ја немаше“, рече таа.

Родителите во неколку наврати биле испрашувани во полиција. Минатиот четврток во месноста Хаџиќ, недалеку од Сараево, беа уапсени три лица кои преку ТикТок побарале 25.000 евра за информација за исчезнувањето на Данка. Тројцата уапсени од полицијата тврделе дека само се шегувале. Полициските службеници извршиле претрес на поширокиот простор каде се наоѓале уапсените лица, но не го нашле девојчето.

На почеток