Свет

Спасени 6 рудари, а повеќе од 60 се уште се заробени по силниот земјотрес во Тајван

Тајван вчера беше погоден од силен земјотрес со јачина од 7,4 степени. Потресите се почувствуваа дури до главниот град Тајпеј, а телевизиските станици емитуваа снимки од згради како силно се нишаат додека луѓето одат на работа, а децата на училиште. Епицентарот на земјотресот е регистриран на околу 18 километри јужно од градот Хуалиен, соопшти Американскиот геолошки институт.

Спасувачите се уште трагаат по повеќе од 100 луѓе кои останаа заробени по земјотресот. Според последните информации кои утрово ги објавија надлежните служби, досега животот го загубиле најмалку девет лица, 1050 се повредени, а 101 лице е заробено.

Околу 46 лица се уште се сметаат за исчезнати. Националната противпожарна служба наведува дека се евакуирани 961 лице, а 628 од нив се во засолништа. Во Хуалиен, околу 100 згради се категоризирани како потенцијално опасни по живот и многу од нив ќе мора да бидат урнати.

Тајванската национална противпожарна служба вчера соопшти дека 71 рудар останале заробени во два рудници во Хуалиен по земјотресот. „64 лица беа заробени во рудникот Хепинг, а уште седум рудари беа заробени во рудникот Жонге“, соопшти пожарникарската служба. Утрово беше објавено дека со хеликоптер биле спасени шест рудари од рудникот Жонгхе.

На почеток