Свет

Нивото на Урал во Русија продолжува да расте: Речиси 8.000 луѓе евакуирани, повеќе од 3.500 домаќинства поплавени

Нивото на реката Урал кај Оренбург во руската област Оренбург во текот на ноќта порасна за 38 сантиметри и утринава достигна 1.060 сантиметри, надминувајќи го нивото на вонредна заштита од поплави за 130 сантиметри, соопшти денеска окружната управа на Оренбург.

Од загрозените подрачја се евакуирани околу 7.800 граѓани.

Во соопштението на Телеграм, населението е повикано да се евакуира од поплавеното подрачје, пренесе РИА Новости.
Повеќе од 3.600 домаќинства се поплавени во Оренбург, изјави утринава градоначалникот Сергеј Салмин.
Властите на регионот Оренбург во средата објавија дека нивото на реката Урал во Оренбург достигна највисоко ниво досега забележано.

Во реонот на Оренбург од 4 април е во сила вонредна состојба поради влошување на состојбата со поплавите.
На 7 април, владината комисија одлучи да ја класифицира поплавата во областа Оренбург како федерална вонредна состојба.
Најтешка е ситуацијата во градот Орск, а големи поплави се забележани и во Оренбург.

Вкупната штета од поплавите, според првичните проценки на регионалните власти, може да изнесува околу 207 милиони евра.

Вонредна состојба е на сила и во регионите Курган и Тјумен во Русија.
Властите на Казахстан соопштија дека земјата е погодена од најтешките поплави во последните 80 години, а во некои региони на земјата е прогласена вонредна состојба.

На почеток