Македонија

Пукањето во Тетово е продолжение на судирот кој започна во јануари кога едно лице беше убиено?

Медиумот на албански јазик „Ина“ објави дека вчерашното пукање во Тетово се поврзува со она кое се случи во јануари годинава – односно дека станува збор за продолжение на судирот меѓу две семејства.

ИНА пишува: „Синоќа, на 11 април 2024 година во 22 часот и 45 минути во Центарот за управување со кризи Мумин Терзија пријавил дека лице со маска на главата од автомобил ‘Поло’ со непозната регистерска табличка пукало во насока кон неговата куќа на улицата „Илинденска“ во моменти кога целото негово семејство се наоѓало во куќата.  Нема повредени лица. Пронајдени се чаури од испукани куршуми. Полицијата врши истрага.“ – велат во СВР Тетово.

ТВ Клан Македонија објави на 12 јануари 2024 година информација во врска со пукањето и повредувањето две лица пред тетовската Клиничка болница, што се случи на 11 јануари, еден ден претходно. Тогаш се случил оружен инцидент и тепачка меѓу членови на семејствата Мусаи и Терзија и постои веројатност дека најновото пукање врз куќата на Мумин Терзија е продолжение на судирот меѓу овие две семејства од јануари годинава.

Во својата информација од 12 јануари ТВ Клан Македонија има објавено: Почетниот проблем меѓу семејствата Терзија и Мусаи се случил на 11 јануари 2024 пред Основниот суд во Тетово кога по зборовен судир Реџеп Терзија и Адурим Мусаи се степале. По тепачката Реџеп Терзија бил одведен во полиција, а Адурим Мусаи бил испратен во болница со повреди. Како сведок во полициската станица се пријавил Мумин Терзија. Потоа двете страни се сретнале пред тетовската Клиничка болница. Таму во околности, непознати за полицијата,  во пукотница со огнено оружје биле повредени браќата Адурим и Зејнула Мусаи“.

Вчерашниот пукач не е пронајден, а во јануари, едно од повредените лица почина. Лицата кои поминаа 48 часа во притвор беа пуштени на слобода, пиштолот не беше најден, а ниту лицето кое го изврши пукањето.

На почеток