Свет

Драматично во Кина: Во Гуангдонг се очекуваат големи поплави, загрозени се речиси 130 милиони луѓе

Кинеската влада го одобри спроведувањето на плановите за вонредни состојби поради заканата од поплави во провинцијата Гуангдонг, кои им се закануваат на 127 милиони жители.

Локалните метеоролошки власти соопштија дека водата во делови од реките и притоките во Ксинџијанг и Пекинг достигнала ниво што се случува само еднаш во 50 години, објави денеска кинеската државна телевизија CCTV.

Се очекуваат големи поплави во басенот Пеџијанг, соопшти кинеското Министерство за водни ресурси, кое го извести советот за итни случаи за ситуацијата.

Официјални лица од Гуангдонг ги повикаа локалните власти да започнат со планирање за вонредни ситуации за да се избегнат големите последици од природната катастрофа и навреме да се распределат ресурсите за населението погодено од поплавите, вклучувајќи храна, облека, вода и привремени засолништа.

Во оваа провинција невремето со врнежи и силен ветер траат неколку дена, а во саботата врнеше непрекинато 12 часа, најмногу во централните и северните делови, пренесува Ројтерс.

Речиси 20.000 луѓе се евакуирани во Кингјуан, според државните медиуми, а неколку електроенергетски објекти во Џаокинг се оштетени, предизвикувајќи прекини на електричната енергија на некои места.

Во главниот град на провинцијата Гуангжу, каде живеат 18 милиони жители, водата ја достигна границата од поплави, соопштија денеска градските власти.

На почеток