Оперативната акција за претседателските избори е на маса: АНБ собира информации за изборни саботирања
Во врска со претстојните избори денеска во просториите на Министерството за внатрешни работи, одржав состанок на кој присуствуваа дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев, директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, директорот на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски, републичкиот јавни обвинител Љупчо Коцевски и претставници од обвинителствата низ државата.
„На состанокот најпрво се заблагодарив за издвоеното време и досегашната успешна соработка на сите чинители кои се одговорни за безбедно спроведување на изборниот процес и потенцирав дека досега не се констатирани посериозни активности кои се насочени кон нарушување на истиот.
Исто така, побарав од присутните секој во својот делокруг да сподели информации кои се од интерес за спроведувањето на изборите и начинот на кој ќе постапуваат институциите за време на изборниот ден.
Од страна на директорот на БЈБ беа презентирани информации во врска со Оперативната акција Претседателски и парламентарни избори 2024 година и во таа насока посочи дека од страна на Оперативниот штаб и сите надлежни организациски единици се преземени сите потребни мерки и активности врз основа на претходно изготвен план и притоа не се констатирани никакви позначајни проблеми.
Од страна на АНБ се преземаат организирани и координирани мерки за прибирање на сознанија за евентуални изборни нерегуларности, а во насока на безбедно спроведување на изборите.
Републичкиот јавен обвинител и претставниците од обвинителствата низ државата информираа дека е формирана Комисија за изборни нерегуларности во рамки на обвинителството, определени се зајакнати дежурства за изборниот ден за покривање на целото подрачје на државата и со будно внимание ќе се следи процесот и навремено ќе се известува за сите настани и активности кои се од интерес на јавноста, а поврзани со спроведувањето на изборите“, велат од МВР.