Македонија

Се спрема ли Заев да биде консензуален претседателски кандидат?

Дали првиот полицаец Оливер Спасовски е фаворитот што по маратонски преговори го договорија Зоран Заев и Али Ахмети, дефинитивно ќе се знае утре. Без да соопштуваат детали за тоа какви се релациите во владината коалиција, Заев и Ахмети во средата вечерта се договорија – заеднички ќе настапат на претседателските избори.
Договорот за консензуален кандидат по низата натегања на релација “Бихаќка” и Мала Речица, сепак и не е големо изненадување, со оглед на фактот што и Заев и Ахмети беа подготвени на се за да го спасат бракот од интерес.

„Направивме суштинска анализа и се договоривме да воспоставиме еден стандард во нашата земја, иако обиди имаше и порано за тоа, меѓутоа беа неуспешни, за да дадеме порака до нашите граѓани дека имаме доволно зрели политички партии, но и општество, кои да може да донесат заеднички одлуки за претседател на државата”, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по едночасовната средба со премиерот Зоран Заев.

Пред самата завршница на пазарањето во јавноста до крај се шпекулира со четворката од “Бихаќка” – Стево Пендаровски, Оливер Спасовски, Никола Димитров и Радмила Шекеринска. Дел од медиумите пак пренесуваат дека иако името ќе се договара утревечер на средба Заев -Ахмети, и дека ќе се избира меѓу министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски.

Поранешниот пратеник Сафет Бишевац во телевизиско интервју рече дека во редовите на СДСМ нема компетентен човек за достоен кандидат за претседател на Република Македонија и дека владејачката партија нема план за кампања за претстојните претседателски избори. Бишевац во интервјуто ја отвори можноста дури и премиерот Зоран Заев на крај да биде консензуалниот кандидат, иако тој во неколку наврати отфрли таква можност.

Повеќе на Вечер.пресс

На почеток