Македонија

Пендаровски: Не очекував волкава разлика во првиот круг

Актуелниот претседател Стево Пендаровски, кандидат на СДСМ на претседателските избори, кажа дека не очекувал волкава разлика во првиот круг, но најави дека нема предавање во вториот круг. Според првичните неофицијални резултати на Државната изборна комисија (ДИК) од првиот круг по 80 отсто преброени гласови, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова освои 144.000 гласови повеќе од Пендаровски.

Тој кажа дека денешните бројки се должат на тоа што имало 7 кандидати за претседател.

„Од утре е нов ден тргаме од нула. Јас длабоко верувам во мојот концепт и од утре ќе продолжам да го промовирам и ги охрабрувам граѓаните на 8 мај да излезат во поголем број. Нема предавање, не се чувствувам малодушно, одиме во втор круг“, рече Пендаровски.

Тој кажа дека нема да ги бара гласовите од ниту еден од кандидатите кои не поминаа во вториот круг, туку од граѓаните како што го правел тоа досега.

Според неофицијалните резултати од гласањето, во вториот круг на претседателските избори ќе одат Силјановска и Пендаровски, а ќе се одржи на 8 мај заедно со парламентарните избори.

На почеток