Македонија

Бројот на заразени од голема кашлица се намалува, минатата недела пријавени 27 нови случаи

Институтот за јавно здеавје во новиот извештај објави дека во текот на изминатата недела во земјава се регистрирани 27 нови случаи на голема кашлица.

Ова е намалување од 41,3 проценти во однос на претходната недела. Најголем дел од заразените се во Скопје, а нивната возраст се движи од еден месец до 54 години. Најголемиот број случаи се регистрирани кај деца од 10 до 14 години.

Четворица од новопријавените 27 случаи на голема кашлица се хоспитализирани.

Заклучно со 25 април, како што стои во извештајот на ИЈЗ, пријавени се вкупно 516 случаи на голема кашлица досега.

Од заболените, хоспитализирани се 73 лица, а 59 од нив се на возраст до четири години.

„Епидемиската крива укажува дека појавувањето на нови случаи на голема кашлица започнува во првата недела од 2024 година. Согласно податоците од евиденцијата на пријавувањето, за седмодневен период од понеделник-недела, се забележува континуиран пораст на бројот случаи на неделно ниво, до 12. недела. Од 12. недела, со мали варијации, бројот на пријавени случаи се намалува“, се вели во извештајот на ИЈЗ.

Во периодот од 18 јануари до 25 април годинава, аплицирани се 42 857 дози вакцини против голема кашлица.

Се намалува и бројот на заразени со грип.

Од 15 до 21 април 2024 во земјава биле пријавени 120 случаи на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип, што е за 17,2% помалку во споредба со претходната недела.

Најголем број од заболените се во Гостивар – 55, Неготино – 20 и Скопје – 15.

Заклучно со 21 април, во земјава вакцинирани се вкупно 61.826 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против грип.

На почеток