Македонија

Џафери: Новата генерација полициски службеници со амбиција за напредок ја гради сликата за професионална полиција

Претседателот на Владата на Република Македонија, Талат Џафери, денеска во Центарот за обука на МВР, присуствуваше и се обрати на Свечената промоција на новите полициски службеници.

Во продолжение, ви го пренесуваме интегрално обраќањето на премиерот Џафери:

„Чест ми е што денеска сум овде на овој посебен ден за вас, припадниците на новата генерација полициски службеници.

Ме радува и ви честитам што како млади луѓе сте донеле одлука да се ставите во служба на граѓаните и државата, да бидете на првата линија на нивната безбедност, што е благородна и во исто време многу одговорна должност.

Денеска, сите ние присутни тука сме горди на вашата мотивација и истрајност за успешно завршување на едногодишната обука, овде во Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи.

Знаењата и вештините што сте ги стекнале изминатава година преку интензивна обука, верувам дека како идни полициски службеници ќе ги применувате доследно во организациските единици каде што ќе бидете распоредени.

Министерството за внатрешни работи има потреба од млади и нови луѓе, и убеден сум дека сите вие, 508 идни полициски службеници, имате таква амбиција за професионален развој и напредок.

Ве охрабрувам да бидете чесни и посветени во спроведувањето на вашите должности кон граѓаните, да бидете горди на својата работа. Професионално да се справувате со новите предизвици на работа и да бидете подготвени за очекуваните одговори. За вашата професионалност и љубов кон професијата, да сведочат резултатите од секојдневната работа во секоја област на безбедноста.

Вие станувате дел од ресор кој работи исклучиво, и само во служба на граѓаните, и никако поинаку! За полицискиот службеник, секој граѓанин е подеднакво важен, независно од личните определби, уверувања, или какви било други различности.

За професионалниот полицаец, нема помалку или повеќе важна задача. Сите граѓани се еднакво исти пред законот и имаат еднакво исто право на безбедност. Како идни полициски службеници, очекувам преку сопственото поведение и труд да покажете дека, полицијата како институција е професионална, и успешно ги остварува своите законски надлежности и задачи.

Почитувани присутни,

Прашањето за безбедноста, на глобално ниво, се покажува како сè поважен и сè покомплексен предизвик. Безбедноста станува приоритетна глобална политика, а улогата на системот за внатрешни работи, особено на полицијата, е најважниот фактор за справување со таквите предизвици.

Затоа, од голема важност е лично да ја стекнете довербата на граѓаните. Така ќе придонесете во подигањето на довербата на граѓаните во полицијата во целина.

Сега, дозволете уште еднаш да ви честитам и да ви посакам да бидете чесни и професионални, посветени и храбри, пример за секоја идна генерација.

Ви благодарам на вниманието!“

На почеток