Македонија

Апасиев: Македонската платформа е единствениот спас од опасноста за федерализација на државата

Дека мотивацијата по првиот круг од претседателските избори е зголемена, во интервју за ,,ТВ Стар” потврди Претседателот на Левица и Носител на ИЕ1, Димитар Апасиев.

„Мотивацијата е зголемена, затоа што ова беше наше огнено крштевање – првпат имавме претседателски кандидат и тоа е одлично искуство. Партијата продолжува напред. Отворивме над триесетина канцеларии во меѓувреме, во овие две последни години, така што мотивацијата е најмалку да го дуплираме скорот којшто го донесе професорката Ванковска”, вели претседателот на Левица, Апасиев.

Левица очекува поголем број пратеници на Парламентарните избори, за да може уште посилно да се бори против штетните политики и да ги застапува интересите на граѓаните, остварувајќи ја својата изборна програма.

,,Поголем број пратеници од Левица во Собрание би значело брана против сите штетни политики на косоваризација и бугаризација на државата. Ние со два пратеника успеавме да спречиме многу штетни политики: успеавме да спречиме етничка припадност во лични карти, приватизација на Брза помош, ги намаливме цените на болниците во време на ковид-криза, така што кога со двајца тоа го постигнавме, можете да замислите со 8 – 12 пратеници!”

Оттука Апасиев порача дека гласот даден за Левица не е фрлен глас.

,,Гласот за Левица е глас даден за една искрена, чиста опција којашто е единствена на левата политичка сцена. Бидејќи сега се остварува нашата прогноза за пасокизација на СДС, гласот за Левица е глас насочен кон правата левичарска опција во Македонија.”

На почеток