Хаос во Русија: Во напад на регионот Белгород загинаа шест цивили, десетици се повредени, меѓу кои и деца
Шест цивили загинаа, а 33 други се повредени кога украински беспилотни летала нападнаа два автомобили во руската област Белгород, долж границата со Украина, соопшти регионалниот оддел на руското Министерство за вонредни ситуации.
„Украинската армија употреби беспилотни летала за да ги нападне автомобилите на компанијата Агро-Белгорје, кои превезуваа вработени во свињарската фарма. Како резултат на тоа, повеќе од 30 луѓе беа повредени, а шестмина загинаа“, се вели во соопштението, а пренесе ТАСС.
Шефот на округот Владимир Переверзерв на седницата на регионалната влада потврди дека шест лица загинале, а десетици се повредени во напад со беспилотни летала на Вооружените сили на Украина врз возила на земјоделска фарма во областа Борисовски на Белгородска област.
Гувернерот Вјачеслав Гладков на својот канал Телеграм изјави дека се повредени 35 лица, меѓу кои и две деца.
„Еден маж е ранет во стомакот и лекарите го оперираат. Останатите жртви се здобиле со разни повреди од шрапнели, на кои им е укажана лекарска помош“, изјави Гладков.