Свет

Голем број човечки жртви и огромно уништување во Појасот Газа

Израел силно ја напаѓа централна Газа, семејствата кои се засолниле таму повторно бегаат

Од почетокот на војната меѓу Израел и палестинскиот Хамас, израелската офанзива предизвика, со голем број човечки жртви и сериозна хуманитарна криза, огромно уништување во Појасот Газа.

Судејќи според анализата на сателитски снимки на двајца американски истражувачи, до 21 април уништени или оштетени се 56,9 отсто од зградите во Газа или вкупно 160.000.

Уништувањето било најголемо во првите три месеци од конфликтот, велат истражувачите.

Од ненадејниот напад на Хамас на јужна израелска територија на 7 октомври минатата година, во кој загинаа повеќе од 1.170 луѓе, главно цивили, според податоците до кои дојде Франс прес, израелската армија немилосрдно го напаѓа густо населениот Појас од 365 квадратни километри.

Во израелската офанзива досега загинале 34.789 лица, соопшти денеска Министерството за здравство на Хамас на таа палестинска територија опкружена од Израел. ОН наведуваат дека 70 отсто од жртвите се жени и деца.

На север, во градот Газа, каде пред војната живееле 600.000 луѓе, погодени се речиси две третини (74,3 отсто) од зградите.

Рафа на југот на Газа, каде што сега живеат 1,4 милиони Палестинци, жители и раселени, досега е најмалку уништен со 33,9 отсто од зградите погодени, но израелската армија денеска таму распореди тенкови и го бомбардира тој град.

Во првите шест недели од војната, 60 отсто од здравствените установи беа прогласени за оштетени или уништени.

Денеска пет од нив се целосно уништени, а 28 отсто делумно функционираат според податоците на ОН.

На 25 април, УНИЦЕФ објави дека се оштетени 408 училишта (најмалку 72,5 отсто), од кои 53 целосно и 274 делумно. Покрај тоа, 61,5 отсто од џамиите се оштетени или уништени.

ОН на почетокот на мај процени дека ќе бидат потребни 30 до 40 милијарди долари за обнова на Газа.

На почеток