Македонија

Оставки во СДСМ по изборниот пораз

Потпретседателите на СДСМ Перо Костадинов и Фатмир Битиќи вчера вечерта, по објавувањето на прелиминарните резултати од парламентарните избори поднесоа оставка од партиските функции, а Битиќи побара тоа да го стори целото раководство.

„Како потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, обврзан на етички и демократски вредности, одлучив да поднесам оставка од функцијата потпретседател на партијата. Мојата оставка комплетно ќе се ефектуира кога останатите мои другари и другарки кои го сочинуваат партиското раководство ќе го направат истото – од првиот до последниот“, напиша Битиќи, кој беше и вицепремиер за економски прашања во владите на Димитар Ковачевски и на Зоран Заев.

„По изборните резултати, поднесувам оставка од мојата партиска функција, потпретседател на СДСМ. Најважни се слободата, мирот и напредокот на Македонија. Граѓаните денес гласаа на демократски избори, и на слободен начин ја изразија сопствената волја. Како држава, можеме да продолжиме напред само преку заедништво и добронамерност. Потребни ни се внатрешни и надворешни партнерства, силни институции и интеграција на земјата во ЕУ. Сонот за подобар живот дома е на сите нас“, напиша Костадинов.

Оставка по вчерашниот катастрофален пораз на изборите не поднесе лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски. Тој повика на избори на сите партиски тела, и на централно и на локално ниво, почнувајќи од претседателот на партијата, раководството, сѐ до претседателите на општинските организации и сите органи и тела на партијата, но не прецизираше кога ќе се случи тоа.

На почеток