Свет

„Непријателот напаѓа од сите страни, ситуацијата се влоши“: Клуч кај Харков, итно објави Киев

На линијата на фронтот во регионот Харков ситуацијата е влошена и во моментов продолжуваат борбите во пограничните области долж границата со Руската Федерација, изјави денеска врховниот командант на вооружените сили на Украина Александар Сирски.

Тој истакна дека, генерално, ситуацијата на фронтот се уште е тензична, пренесува агенцијата Интерфакс.

Непријателот активно ги напаѓа нашите единици во неколку правци со цел да напредува подлабоко на територијата на Украина, напиша Сирски на својот канал Телеграм.

Тој посочи дека единиците на вооружените сили на Украина водат тешки одбранбени борби и дека се запрени обидите на руските сили да ја пробијат украинската одбрана. Сирски истакна дека украинските сили „прават се за да ги одржат одбранбените линии и нивните позиции и да му нанесат пораз на непријателот“.

Тој рече дека продолжуваат активните борби во правците Купјански, Северски, Лимански, Покровски, а состојбата многу динамично се менува.

„Во некои области непријателот има делумен успех, во други нашите одбранбени сили го туркаат непријателот и ја подобруваат својата тактичка позиција“, рече Сирски.

Тој потврди дека во правец на Краматорск непријателот не се откажува од обидот да го заземе градот Часов Јар и продолжува со офанзивните операции источно од тоа место.

„И покрај тешката ситуација на фронтот, единиците се ротираат со цел да се одмори воениот персонал и да се врати борбената ефикасност на нашите единици“, заклучи Сирски.

На почеток